МВР предупредува: Една искра може да значи пожар, а несовесните ги чека и затвор

Макфакс

22/08/2026

16:20

137

Големина на фонт

а а а

МВР спроведува превентивни активности и апелира кон граѓаните за важноста на контролата и пријавувањето на несовесно однесување кое може да предизвика пожар, со цел да се спречат штети и да се заштити јавната безбедност.

Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување, денеска спроведоа превентивна активност за заштита од пожари на подрачјето на Полициското одделение Мирковци, во општина Чучер Сандево.

Во разговорите со жителите била нагласена важноста од континуирана соработка со надлежните институции и навремено пријавување на несовесно однесување кое може да предизвика пожари.

Од МВР посочуваат дека особено внимание било посветено на забраната за фрлање и палење отпад, палење стрништа, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, како и фрлање отпушоци.

Целта е институциите да можат навремено да реагираат и да спречат ширење на пожарите во период кога опасноста од нивно избувнување е зголемена.

Граѓаните биле информирани и за законските одредби и санкциите што следуваат за несовесно однесување.

„Граѓаните беа информирани и за законските одредби и санкции, особено во поглед на законската регулатива која го опфаќа делото „Предизвикување општа опасност“, регулирано во Кривичниот законик по член 288, со што се предвидува казна затвор од шест месеци до пет години“, соопшти МВР.

За време на активноста, на жителите им бил поделен и едукативно-пропаганден материјал со совети за заштита од пожари.

Полицијата спроведува превентивни активности и во Штип и Кочани

Во меѓувреме, Отсекот за превенција при СВР Штип вчера на Градскиот стадион во Штип ја реализирал кампањата „Навивај безбедно за нашиот клуб“, во пресрет на фудбалски натпревар.

Активноста била насочена кон подигнување на свеста за спортско и фер навивање, како и спречување нарушувања на јавниот ред и мир и други инциденти поврзани со спортските настани.

Истиот ден во вечерните часови, полициски службеници од ОВР Кочани реализирале соседска патрола на подрачјето на општина Зрновци, при што оствариле повеќе средби со граѓани.

На средбите се разговарало за безбедноста на младите, спречувањето на меѓуврсничкото насилство и одржувањето на стабилен јавен ред и мир.