Градоначалникот на италијанскиот град Комо, Алесандро Рапинезе, ги забрани велосипедите на главните градски улици, откако бил удрен од еден велосипед, пренесоа италијанските медиуми.
„Обвинет сум дека ја презедов оваа мерка затоа што ме удри електричен велосипед. Тоа е вистина. Луѓето постапуваат врз основа на сопствените искуства, а јас лично почувствував како е да бидеш удрен од овие ѕверови“, изјавил Рапинезе за „Стампа“.

Според неговите зборови, забраната ќе се однесува на околу 30 улици во центарот на Комо и ќе важи за велосипеди и електрични велосипеди, вклучително и оние што ги користат доставувачите, пренесе „Месаџеро“.
Според пишувањата на италијанските медиуми, велосипедистите планираат да одржат протестни возења.

„Да живее правото на слободно протестирање“, рекол градоначалникот на Комо како одговор на прашањето за јавниот протест против забраната.
Тој додал дека е сигурен оти сите градски политички активисти ќе учествуваат на протестот, но смета дека со тоа нема да го постигнат она што го сакаат.

Забраната за возење велосипеди во центарот на Комо стапува во сила во септември.








