Брзо одење или трчање – што е подобро за намалување на крвниот притисок, според лекарите

Точка

21/08/2026

16:59

297

Големина на фонт

а а а

Физичката активност е еден од клучните фактори врз кои можеме да влијаеме за да го намалиме ризикот од хипертензија, што значи дека редовното вежбање може да ни помогне подобро да го контролираме крвниот притисок.

Одењето и трчањето се меѓу наједноставните начини за зголемување на нивото на физичка активност, бидејќи не бараат многу опрема и можат да се практикуваат речиси насекаде. Но, што од овие две активности е подобро за регулирање на високиот крвен притисок, пишува „EatingWell“.

Одењето и крвниот притисок

Докторката Олуватосин Ајао истакнува дека одењето е еден од наједноставните и најефикасните начини за намалување на крвниот притисок. „Брзото одење во траење од 20 до 40 минути, три до пет пати неделно, може да го подобри здравјето на срцето и со текот на времето да придонесе за намалување на ризикот од мозочен удар“, објаснува Ајао.

Редовното одење, како што наведува таа, го намалува и систолниот, односно горниот, и дијастолниот, односно долниот крвен притисок. Една метаанализа покажала дека одењето го намалува систолниот притисок во просек за 4 mmHg, а дијастолниот за 2 mmHg. Хронично високото ниво на стрес е познат фактор на ризик за покачен крвен притисок. Редовната физичка активност, вклучувајќи го и одењето, може значително да помогне во контролирањето на стресот, пренесува „Index.hr“.

Ајао вели дека редовната прошетка помага да се намали реакцијата на телото на стрес. Редовното одење позитивно влијае и врз функцијата на крвните садови. Ајао објаснува дека се намалува активноста на ренин-ангиотензин системот, а истовремено се поттикнува создавањето азотен моноксид, кој ги проширува крвните садови и овозможува подобар проток на крвта.

„Овие промени ја подобруваат циркулацијата и помагаат во одржувањето понизок крвен притисок“, заклучува Ајао.


Трчањето и крвниот притисок

Трчањето исто така може значително да го намали крвниот притисок, особено кај лицата кои веќе имаат хипертензија. „Едно истражување покажа дека трчањето го намалува систолниот притисок за 4,2 mmHg, а дијастолниот за 2,7 mmHg“, наведува Ајао.

Ефектот бил уште поизразен кај испитаниците кои веќе имале хипертензија, кај кои било забележано просечно намалување на систолниот притисок од 5,6 mmHg и на дијастолниот од 5,2 mmHg.

Интересно е, додава Ајао, што трчањето со умерен интензитет се покажало како поефикасно од тренинзите со висок интензитет за намалување на притисокот кај лицата со хипертензија.


Како тренинг за сила за срцето

„Трчањето е како тренинг за сила за срцето“, вели докторката Ннеома Опараџи.

Таа додава дека трчањето го тренира срцето да пумпа поефикасно, па тоа може да извршува повеќе работа со помал напор, што на крајот помага во намалувањето на крвниот притисок.

Слично како и одењето, трчањето ја подобрува функцијата на крвните садови. „Редовното вежбање му помага на телото да создаде повеќе мали крвни садови, како артериоли и капилари, а таа промена го олеснува протокот на крвта“, вели Ајао.

Ризикот од вкочанетост на артериите се зголемува со возраста, но редовните аеробни активности како трчањето и одењето можат да ја намалат оваа вкочанетост, да ја одржат еластичноста на артериите и да му го олеснат на срцето пумпањето крв.

Како и одењето, трчањето е корисно за справување со стресот, што е важно за превенција на хипертензијата, додава таа.


Што е подобро?

Иако трчањето може да резултира со нешто поголемо намалување на крвниот притисок, Опараџи истакнува дека најдобра физичка активност е онаа до која човек може доследно да се придржува.

Трчањето бара поголема издржливост и повеќе напор, што за некои луѓе може да претставува пречка, па одењето често е попристапно за почеток. Од друга страна, некои луѓе претпочитаат трчање бидејќи им е потребно помалку време за да поминат иста оддалеченост.

Најважно е физичката активност да стане дел од редовната рутина.

Препораката е најмалку 150 минути вежбање со умерен интензитет неделно, како брзо одење, или 75 минути активност со висок интензитет, како побрзо трчање. Во неделниот распоред треба да се вклучат и два дена тренинг за сила, кој исто така придонесува за одржување здрав крвен притисок.


Безбедносни напомени

Пред започнување каква било нова рутина за вежбање, важно е да се консултирате со лекар. Треба да се земат предвид и моменталното ниво на физичка активност и присуството на други хронични здравствени состојби.

„Како што се подобрува вашата физичка кондиција, можете постепено да ги зголемувате времетраењето, брзината и интензитетот на тренингот“, вели Ајао.

Како што наведува таа, лицата кои водат седечки начин на живот се соочуваат со најголем ризик од срцеви проблеми за време на вежбањето. Поради тоа, додава, почетниците не треба веднаш да започнуваат со интензивни тренинзи.

Важно е да се препознаат и предупредувачките знаци.

„Престанете со вежбањето и побарајте медицинска помош доколку почувствувате болка или притисок во градите, вртоглавица или несвестица, забрзана или неправилна работа на срцето или невообичаен недостиг на воздух“, советува Ајао.

И редовното одење и трчањето носат значителни здравствени придобивки и нема јасен победник кога станува збор за влијанието врз крвниот притисок. Најважно е да изберете активност во која уживате и која можете редовно да ја практикувате.

„Доследноста е поважна од интензитетот“, порачува Опараџи. Целта е да се раздвижите и да ја забрзате работата на срцето – токму тоа носи најголема промена за вашето здравје.