ЕУ и креативните кариери: Филмот и културата не познаваат граници

Точка

20/08/2026

12:31

127

Големина на фонт

а а а

За време на Сараевскиот филмски фестивал, во рамки на кампањата „ЕУ со тебе“ (EU With YOU), се одржа панел дискусија „Култура што поврзува – европски можности за креативните индустрии“, посветена на поддршката што Европската Унија и програмата Креативна Европа ја нудат за професионален развој на младите креативци.

Само во Босна и Херцеговина, во изминатите четири години, преку оваа програма се обезбедија над седум милиони евра за поддршка на повеќе од 100 проекти, меѓу кои Сараевскиот филмски фестивал, Босанскиот народен театар во Зеница, Музејот на современа уметност во Бања Лука, Културниот центар во Требиње и многу други.

„Културата не познава предрасуди и граници. Токму затоа нашите програми, како Креативна Европа, Еразмус+ и другите иницијативи за поддршка, се одлични алатки кои помагаат во процесот на интеграција. Филмот и културата имаат единствена моќ да ги преиспитуваат предрасудите, да понудат различни перспективи и да градат вистински мостови преку границите. Во овој регион има исклучителни филмски автори, музичари, уметници и писатели и би рекол дека креативноста е негов најдобар амбасадор“, изјави Луиџи Сорека, амбасадор на Европската Унија во Босна и Херцеговина, на отворањето на панелот. 


Тој нагласи дека на културата отсекогаш ѝ давал централно место во својата работа бидејќи токму таа е појдовна точка за пренесување на вредностите на Европската Унија.

„Креативниот сектор е исклучително важен за целиот регион. Тој го поттикнува економскиот развој, креира квалификувани работни места и ја унапредува локалната економија. Токму затоа, преку поддршка на културата, поддржуваме поголема поврзаност во Европа“, порача Сорека. 


Сараевскиот филмски фестивал е еден од најдобрите примери за тоа како програмата Креативна Европа придонесува за зајакнување и раст на индустријата, развој на талентот и креативноста, како и за јакнење на европскиот идентитет, култура и вредности. Средствата од Креативна Европа се достапни за културниот и креативниот сектор во Босна и Херцеговина од 2014 година, а Европската Унија го поддржува Сараевскиот филмски фестивал преку иницијативи како Talents Sarajevo, CineLink Industry Days и Млади и градење мир.

На панелот, на кој учествуваа новинари, млади европски амбасадори и креатори на содржини од целиот регион на Западен Балкан, беше потенцирано дека Креативна Европа, покрај големите фестивали во Сараево и Пула, има програма за поддршка на писатели, дизајнери и актери, поддржува копродукции и одржување фестивали, како и млади кои се на почеток на својата кариера. 


Модератор на панелот беше Милан Иниќ Yasserstain, еден од највлијателните дигитални креатори на Западен Балкан, а учествуваа црногорскиот режисер, сценарист и продуцент Иван Мариновиќ, српската продуцентка и основачка на This and That Productions, Снежана ван Хувелинген, продуцентот, основач на Realstage Productions и раководител на CineLink Industry Days во рамки на Сараевскиот филмски фестивал, Исхак Јалимам, како и продуцентот, основач на Vizart Film и поранешен раководител на Creative Europe MEDIA Desk во Босна и Херцеговина, Зоран Галиќ.

Мариновиќ истакна дека има значителна разлика во создавањето филмови со и без поддршката од програмата Креативна Европа, говорејќи од лично искуство, со оглед на тоа што снимал филмови и пред Црна Гора да стане дел од оваа програма.


„Циклусот за развој на филмски проект трае долго, со години, а од тоа време зависи квалитетот бидејќи се гледа кога нешто е направено набрзина, а оваа програма ви дава кислород за да го преживеете тој период. Без поддршка ризикот е многу поголем, сè е многу потешко. Моите први филмови ги правев кога бев млад и немав семејство, одговорност, но сите дебитанти работат така, со младост и со сила. Всушност, погледнете колку време минува меѓу два филма. На некои им требаат и по 14 години што значи дека луѓето во годините кога се најпродуктивни не работат затоа што собираат пари“, вели Мариновиќ. Тој нагласи дека филмовите во регионот се прават од голема љубов и дека од тоа никој не живее, но со Креативна Европа е многу полесно. 

Хувелинген истакна дека за работата на секој креативец е исклучително важно она што го овозможува Креативна Европа – поврзување, размена на знаење и искуство, стипендии, учество на работилници. 

„ЕУ прави сè што може, но проблемот се националните фондови. Никој во регионот нема здрав национален систем за поддршка на младите креативци“, вели таа. 


Младите европски амбасадори ги интересираше дали и во колкава мера се користи вештачката интелигенција во филмската индустрија. Добија одговор дека таа е алатка и дека „никој не може да ги замени знаењето и камерата на Стивен Спилберг, но дека при создавањето филмови постојат делови од процесот во кои вештачката интелигенција стана неопходна. 

„ВИ е алатка, но потребно е да се регулираат многу работи од аспект на авторските права и сметам дека за креативците тоа сега е најважно прашање“, рече Хувелинген. 

Од 2014 година, Креативна Европа поддржува проекти насочени кон промовирање на културните различности, уметничкото изразување и зајакнување на економскиот потенцијал на креативните индустрии. Програмата е структурирана во три сегменти –Култура, Медиуми и Меѓусекторски активности, а за периодот 2021 – 2027 година располага со буџет од 2,44 милијарди евра. Средствата се наменети за поддршка и промоција на европската културна и јазична разновидност, зајакнување на културната соработка и за одговор на потребите и предизвиците со кои се соочуваат културниот и креативниот сектор. Креативна Европа исто така поддржува соработка помеѓу културните и креативните сектори, развој на иновативни дигитални решенија, медиумска писменост и активности кои придонесуваат за плуралистичко и отпорно медиумско опкружување.