Според српските медиуми, преминувањето на границата со Северна Македонија станува поскапо и посложено поради воведувањето на ригорозен систем за наплата на казни за сообраќајни прекршоци преку паметни камери „Безбеден град“, што предизвикува колапс и долги чекања на граничниот премин Табановце.
Преминување на границата со Македонија може да ве чини 300 евра, колапс на влезот на Србија
Преминувањето на границата со Македонија може да ве чини 300 евра, колапс на влезот на Србија, возачите чекаат со часови сето тоа поради ригорозниот систем во Северна Македонија. Вака пишуваат спрските медиуми откако вчера на преминот Табановце почна наплатата на казни за возачите со странски таблички за регистрирани прекршоци со камерите на „Безбеден град“.
„Возачите не можат да ја напуштат територијата на Северна Македонија додека не платат казни за сообраќајни прекршоци регистрирани автоматски. На граничните премини се формираа долги редици поради чекање за плаќање на казните, што дополнително го забавува преминувањето на границата“, пишува Блиц.рс.
Медиумот продолжува: „Големи толпи и километарски редици беа забележани вчера на граничниот премин Табановце на излезот од Северна Македонија кон Србија. Причината за новиот бран сообраќајни метежи не се само вообичаените летни смени на туристите, туку и ригорозната примена на модерниот систем за паметни камери „Безбеден град“, кој почна да ги санкционира возачите со странски регистарски таблички“.
Српските медиуми пишуваат дека периодот во кој странските државјани можеле да останат неказнети за прекршоци сторени на македонските автопатишта официјално завршило.
Објаснуваат дека во моментот кога ќе пристигнете на граничниот премин Табановце со возило за да ја напуштите земјата, на екранот на граничната полиција се појавува црвена нотификација. Возачот веднаш се исклучува од сообраќај, му се врачува извештај и платен налог.
„Бидејќи странските државјани не можат легално да ја напуштат територијата на Северна Македонија додека не ги подмират своите долгови кон државата, на преминот се формирани огромни редици луѓе, кои чекаат пред шалтерите на банките и поштата за да платат казни. Ова ја забави работата на целата гранична полиција и создаде дополнителни одложувања од неколку часа за сите други совесни возачи“, пишува Блиц.рс.
















