На 23. Меѓународен стрип конкурс „Велес 2926“ беа прогласени најдобрите стрипови и автори од целиот свет, со рекорден број на пријавени дела. Конкурсот ја истакнува автентичната стрип-култура, при што учествуваа македонски, балкански и светски автори. Главниот настан се одржа во Европската куќа во Велес каде беа соопштени добитниците на главните и специјалните награди.
Најновото издание на Меѓународниот стрип-салон и традиционалната стрип-колонија, организирани од Стрип-центарот на Македонија (СЦМ-Велес), започна во знак на историски успеси – голем бран пријавени дела на меѓународниот конкурс.
Притоа, велешкиот стрип-салон јасно го истакнува чистиот стрип како култура по себе. За разлика од сродните дејности од поп-културата, како што се гејмингот, анимацијата, друштвените игри или музиката, кои често се преплетуваат, Салонот го става фокусот на автентичниот деветти медиум без никакви дополнителни општествени и креативни додатоци. Впрочем, и самата стрип-култура самостојно се состои од повеќе култури, социјални пораки и уметнички светови. Овие манифестации се финансирани од Министерството за култура, како и од Општина Велес.

Традиционалниот меѓународен конкурс „Златен стрип“ привлече огромен број уметнички трудови, соборувајќи ги сите досегашни рекорди. Како што извести Томе Трајков од организацискиот тим, годинава нивните пријави многукратно се надминати од лани (497), со што конкурсот го достигнува својот историски врв по масовност на пријавени уметници од целиот свет.
Во пристигнатите трудови доминираат стрипови од македонски автори од разни генерации и градови, што ги потврдува домашната уметничка сила и силниот континуитет на сцената. Сепак, конкурсот има силен глобален карактер – на него масовно учествуваат автори од балканските држави, но и од далечната Азија, Полска, па сè до Нигерија.
Централниот настан и свеченото отворање на Меѓународниот стрип-салон, придружено со прогласувањето на најдобрите трудови, се одржа на 19 август во Европската куќа во Велес.

ГЛАВНИ НАГРАДИ „ЗЛАТЕН СТРИП“
· Прва награда: „Вечно“ – Марко Стојановиќ (сценарио, Србија), Милорад Вицановиќ Маза (цртеж, БиХ) и Аљоша Томиќ (колор, БиХ)
· Втора награда: „Зимата на Арапахосите“ – Кристијан Секулиќ (Нови Сад, Србија)
· Трета награда: „Љубовта е тешка работа“ – Дуда Вукојев (сценарио, Србија) и Драган Павасовиќ (цртеж, Хрватска)
СПЕЦИЈАЛНИ НАГРАДИ ПО КАТЕГОРИИ
· Најдобро сценарио: „Светот ни припаѓа на сите нам“ – Хулја Колук (Турција)
· Најдобар цртеж: „Мечтаење“ – Александар Танчовски (Скопје, Македонија)
· Најдобар уметнички израз: „На граница“ – Марко Стојановиќ (сценарио) и Марко Николиќ (цртеж), Србија
· Специјална награда за експериментален израз: „Песок во грло“ – Филипа Сара Попова, Ана Кнежевиќ и Марко Трпески (Скопје, Македонија)
· Најдобар дебитантски стрип: „Ѕвездена мисија“ – Христина Крстиновска (Ресен, Македонија)
· Најдобар ментор: Шенер Далиповски (Ресен, Македонија)
ВОЗРАСНИ ПРИЗНАНИЈА
· Најмлад учесник: Лав Стојановиќ (7 г.) (Лесковац, Србија)
· Највозрасен учесник: Тоде Блажевски (Скопје, Македонија)
СПЕЦИЈАЛНИ НАГРАДИ ЗА МЛАДИ АВТОРИ (во соработка со Europe House – Велес)
· „Обраснато“ – Матеа Аризановска (Скопје, Македонија)
· „Сараево сафари“ – Александар Бараковски (Скопје, Македонија)
· „Напивката“ – Марија Тошевска (Скопје, Македонија)
НАГРАДИ И ДИПЛОМИ ПО ВОЗРАСНИ КАТЕГОРИИ
Категорија до 14-годишна возраст:
· Награда за најдобар стрип: „Девојките на Марко“ – Ана Василева (Радовиш, Македонија)
· Диплома за стрип во категоријата: „Мјаул“ – Теона Чаловска (Битола, Македонија)
· Диплома за стрип од друга држава: „Без наслов“ – Маша Станојевиќ (Рашка, Србија)
Категорија до 18-годишна возраст:
· Награда за најдобар стрип: „Така е пишано“ – Јасмина Јовчевска (Скопје, Македонија)
· Диплома за стрип во категоријата: „Трошки надеж“ – Ива Давидовска (Крива Паланка, Македонија)
· Диплома за стрип од друга држава: „Тајната на источниот блок“ – Јоана Кирку (Грција)
















