Текстот ги опфаќа проблемите со кои се соочуваат сточарите и земјоделците во Македонија по две години власт на ДПМНЕ, со акцент на несоодветната исплата на субвенциите, ниските откупни цени и заканите врз производството, како и на реакции од опозициската партија Левица.
„Мицкоски во јули свечено објави дека по две години власт ДПМНЕ успеало да го консолидира земјоделството, иако, нели, наследиле „катастрофална состојба“ во која земјоделците не добивале субвенции. Еве ја „консолидацијата“ два месеци подоцна: сточарите повторно бараат итна средба со премиерот, повторно предупредуваат на протести и повторно бараат исплата на субвенции што одамна требало да им бидат исплатени. Претходно, струмичките производители на пиперка мораа да излезат на улица за да бараат нормални услови за откуп, по што Владата излезе со некаков наводен „договор“ со откупувачите кој не содржеше никаква законска гаранција дека договорените цени ќе бидат исплатени“, велат од партијата Левица.
„Значи, месец дена откако Мицкоски ја прогласи земјоделската политика за консолидирана, сточарите повторно се на раб на протест, а Владата повторно ветува дека ќе исплати нешто што веќе им го должи. Очигледно, во речникот на ДПМНЕ „консолидација“ значи секоја нова криза да се гаси со ново ветување, секој нов протест да се затвора со нов рок, а Мицкоски во меѓувреме да си прогласи победа.
На состанокот во Могила, сточарите и земјоделците побараа целосна исплата на заостанатите субвенции за житните култури и сточарството, итна распределба на картичките за зелена нафта, корекција на Програмата за 2026 година, но и стабилизација на откупните цени – 5 денари повеќе за килограм пченица и 4 денари повеќе за литар млеко.
Истовремено, сточарството се соочува со уште една директна закана по самото производство: сипаниците ги пустошат стадата, со илјадници угинати овци и десетици уништени стада, додека сточарите бараат итна вакцинација и повисоко обесштетување. Значи, производителот истовремено го чека она што му го должи државата, се бори со цената по која може да го продаде производот и гледа како му се уништува основното средство за производство. И во таква ситуација, Мицкоски зборува за „консолидација“!?
Оваа Влада мораше со ребаланс да обезбедува дополнителни средства за да може да ги реализира овие исплати. Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2026 година првично беше проектирана на околу 6,06 милијарди денари, а со ребалансот беа обезбедени дополнителни 1,2 милијарди денари за субвенции. Потоа самиот министер Серафимовски објави дека измените на програмите треба да поминат на Владината седница, па дури потоа да започне исплатата за крупниот добиток и житните култури.
Тоа е суштината која Владата се обидува да ја сокрие зад најавата за „исплата до крајот на август“: средствата со кои сега ќе се исплаќаат земјоделците се обезбедуваат дополнително преку ребалансот, иако станува збор за планирана државна поддршка која производителот треба да може однапред да ја предвиди при планирањето на своето производство.
Среде оваа криза, Мицкоски излегува да објаснува дека се „чудел зошто земјоделците не протестирале пред откупувачите“ и дека Владата дури сакала да протестира заедно со нив пред фабриките, но тие „не сакале“. Оваа изјава е можеби најискрената слика за целосното отсуство на земјоделска политика кај ДПМНЕ. Владата не знае да воспостави правила во откупот, не знае да обезбеди позиција од која производителот нема да биде најслабата алка во синџирот и, кога ќе избие конфликт, не нуди системско решение туку ги упатува земјоделците да протестираат пред некој друг. Самите земјоделци потенцираа дека тие бараат државата да ја преземе улогата што ѝ припаѓа – односно законски да ја спречи состојбата во која откупувачот може повторно да ја прекласифицира пиперката и да ја урне цената. Наместо тоа, Владата понуди неформален договор и потоа се прогласи за херој на денот.
Преку сите овие ситуации се гледа нешто многу посериозно од неспособноста на една институција да исплати субвенции или да договори откупна цена. Се гледа дека ДПМНЕ воопшто нема одговор на прашањето што ќе биде со македонското производство кога на производителот ќе престане да му се исплаќа да произведува
Субвенцијата ја третираат како милостина што треба да се исплати кога ќе се соберат пари, откупната цена ја оставаат на односот на силите меѓу производителот и откупувачот, болестите ги пречекуваат откако ќе уништат стада, а секој нов протест го третираат како изолиран проблем кој треба привремено да се затвори со состанок. Притоа, сите овие проблеми се поврзани: ако производителот нема сигурна цена, нема сигурен пласман и нема навремена државна поддршка, тогаш постепено се повлекува од производството; кога ќе се повлече производителот, исчезнува домашната суровина; кога исчезнува суровината, се отвора простор за увоз; а кога една власт свесно го дозволува ова, тогаш е јасно дека свесно се уништува сопствениот производен капацитет за да биде заменет со зависност од увоз.
И затоа, дури и ако утре субвенциите бидат исплатени, борбата на сточарите и земјоделците не смее да заврши тука. Ако протестот заврши во моментот кога Владата ќе го исплати долгот, тогаш Владата повторно ќе добие можност да прогласи „решена криза“, сè до следниот протест“, соопштуваат од партијата Левица.
















