Прескокнувањето оброк на прв поглед можеби не изгледа како голем проблем, а некои го сметаат дури и за корисно. Сепак, таквата навика може да влијае врз нивото на шеќер во крвта на начин што многумина не го очекуваат.
Некои луѓе прескокнуваат оброци поради недостаток на време, додека други го прават тоа намерно – со надеж дека ќе ослабат или ќе го подобрат здравјето, на пример, преку регулирање на нивото на шеќер во крвта. Но, како прескокнувањето оброци навистина влијае врз шеќерот во крвта? Дали е корисно или штетно?
Продолжете со читање за да дознаете како храната влијае врз шеќерот во крвта и што се случува кога ќе прескокнете оброк или постите – или едноставно преминете на заклучокот на крајот од текстот, пишува „Miss7“.
Сè што треба да знаете за шеќерот во крвта
Кога јадеме, телото ги разградува макронутриентите на помали компоненти кои можат да се сварат. Јаглехидратите – кои имаат најголемо влијание врз шеќерот во крвта – се разградуваат на шеќери, првенствено гликоза, кои се апсорбираат во крвотокот. Тоа доведува до зголемување на нивото на шеќер во крвта. Овој скок го поттикнува панкреасот да лачи инсулин, хормон кој го регулира нивото на шеќер во крвта така што ја пренесува гликозата во клетките, каде што таа се користи за енергија или се складира за подоцнежна употреба.
Како што гликозата навлегува во клетките, нивото на шеќер во крвта се намалува, а се лачи помалку инсулин. Ако нивото на шеќер во крвта падне премногу ниско, панкреасот лачи друг хормон – глукагон – кој испраќа сигнал до црниот дроб да ја ослободи складираната гликоза во крвотокот, со што нивото на шеќер повторно се зголемува.
На нивото на шеќер во крвта влијаат бројни фактори: исхраната, физичката активност, болестите и лековите. Флуктуациите на овие нивоа можат да влијаат врз енергијата, расположението и желбата за храна, а долгорочно можат да го зголемат ризикот од заболувања како дијабетес тип 2. Поради тоа, одржувањето стабилно ниво на шеќер во крвта е од исклучително значење.

Што се случува кога ќе прескокнете оброк?
Прескокнувањето на појадокот може да го отежне регулирањето на нивото на шеќер во крвта во текот на денот. На пример, студија од 2019 година, спроведена врз здрави млади мажи, покажала дека прескокнувањето на појадокот довело до значително повисоко ниво на шеќер во крвта по ручекот во споредба со деновите кога појадувале. Прескокнувањето на појадокот може да го наруши метаболизмот на гликозата и да предизвика неправилни флуктуации на шеќерот во крвта, а исто така се поврзува и со зголемен ризик од преддијабетес и дијабетес тип 2. Студија од 2020 година, исто така, утврдила дека прескокнувањето на појадокот ја влошува контролата на шеќерот во крвта кај лицата со дијабетес тип 2. Прескокнувањето на ручекот или вечерата исто така влијае врз нивото на шеќер во крвта, иако не во толкава мера како прескокнувањето на појадокот.
Прескокнување оброци наспроти намерно постење
Намерното постење – особено повремениот пост (анг. „intermittent fasting“) – се разликува од повременото прескокнување оброци бидејќи подразбира структуриран режим на воздржување од храна во одредени временски периоди. Кога правилно се спроведува, повремениот пост може да ја подобри регулацијата на шеќерот во крвта. Некои истражувања укажуваат дека усогласувањето на времето на оброците со природниот циркадијален ритам на телото може да помогне во регулирањето на шеќерот во крвта. На пример, режимот на исхрана ограничен на одреден дел од денот (анг. „time-restricted feeding“ или „TRF“) – при кој храната се внесува во одреден временски период, а остатокот од денот се пости – може да има позитивен ефект. Иако некои студии укажуваат дека режимите на постење се поефикасни од стандардните диети во намалувањето на нивото на шеќер во крвта, други тврдат дека конвенционалните диети се подеднакво ефикасни. Потребни се повеќе истражувања за подобро да се разбере како различните облици на постење влијаат врз нивото на шеќер во крвта и гликемиската контрола, наведува порталот „Health“.

Што да направите наместо да прескокнувате оброци
Ако сте загрижени за регулирањето на нивото на шеќер во крвта, најдобро е да се консултирате со лекар и да направите план за исхрана приспособен на вашата здравствена состојба. Иако повременото прескокнување оброк нема драстично да влијае врз шеќерот во крвта, пожелно е да имате воспоставен распоред на исхрана – особено ако имате дијабетес. Еве неколку совети што можат да ви помогнат:
Започнете го денот со појадок богат со протеини и растителни влакна; таквиот оброк помага во одржувањето стабилно ниво на шеќер во крвта.
Комбинирајте ги јаглехидратите со протеини и растителни влакна; тие го забавуваат варењето и помагаат во одржувањето на рамнотежата на шеќерот во крвта во текот на денот.
Придржувајте се до воспоставен дневен распоред на исхрана; некои истражувања укажуваат дека за здравјето е оптимален временски период за внесување храна пократок од 12 часа дневно.
Избегнувајте доцни оброци; доцното внесување храна се поврзува со полошо регулирање на шеќерот во крвта и поголем ризик од здравствени проблеми, како дијабетес.
Ако размислувате за повремен пост („intermittent fasting“) со цел подобрување на нивото на шеќер во крвта, задолжително консултирајте се со вашиот лекар.
Кога треба да бидете внимателни
Проблемите со регулирањето на нивото на шеќер во крвта можат да доведат до хипогликемија (ниско ниво на шеќер) и хипергликемија (високо ниво на шеќер), предизвикувајќи низа симптоми – од кои некои можат да бидат сериозни. Симптомите на кои треба да обрнете внимание вклучуваат:
тресење и слабост,
забрзано чукање на срцето,
ладна пот или прекумерно потење,
силно чувство на глад,
нервоза или анксиозност,
збунетост или невообичаено однесување,
главоболка или вртоглавица,
заматен вид,
отежнат говор,
поспаност,
како и екстремна жед и често мокрење.
Во тешки случаи, многу ниското ниво на шеќер во крвта може да доведе до напади (конвулзии), губење на свеста, кома, па дури и смрт. Ако почувствувате некој од овие симптоми или се сомневате дека имате проблеми со регулирањето на шеќерот во крвта, веднаш обратете се кај лекар.

Заклучок – што вели науката за прескокнувањето оброци
Прескокнувањето оброци – особено појадокот – може негативно да влијае врз регулирањето на нивото на шеќер во крвта. Иако некои студии укажуваат дека организираните режими на постење, како „TRF“ (исхрана ограничена на одреден временски период), можат да имаат позитивен ефект, прескокнувањето оброци генерално не се препорачува како метод за подобрување на нивото на шеќер во крвта. За совети околу распоредот на оброците и регулирањето на шеќерот во крвта, најдобро е да побарате персонализирани препораки од здравствен работник.













