Кога температурите навечер остануваат високи, спиењето без облека изгледа како наједноставен начин за разладување.
Сепак, Џулиус Патрик, кој се занимава со физиологија на спиењето, предупредува дека лесната облека би можела да биде подобар избор.
„Иако е примамливо да спиете без облека за да се разладите, тоа може да ви го влоши сонот. Кога спиете голи, потта останува на кожата“, вели Патрик. Затоа тој препорачува лесна облека за спиење.
„Ако носите лесна облека, таа ја впива потта и на тој начин може поефикасно да ве разлади“, објасни тој.

Притоа, треба да се има предвид дека телесната температура во текот на ноќта природно се намалува, па она што ви е пријатно на почетокот на спиењето подоцна може да стане премногу студено.
Како полесно да заспиете кога е жешко?
Еден од првите чекори е да спречите спалната соба дополнително да се загрее во текот на денот. Затоа е добро да ги затворите завесите или да ги спуштите ролетните додека надвор е најтопло. Ако навечер надвор е посвежо отколку во просторијата, отворете ги прозорците и обидете се да направите провев. На тој начин собата може да се разлади пред да си легнете.

Не мора целосно да се откажете ниту од постелнината. Патрик препорачува при рака да имате лесен памучен чаршаф, бидејќи може да ја впие потта. Дебел јорган не е потребен за време на топлите ноќи, но тенок чаршаф може да биде корисен.
Може да помогне и туширањето
Патрик препорачува и кратко туширање пред спиење. Не мора да биде со ладна вода – на некои луѓе може да им годи и топол туш или бања.

Според него, по топлото туширање телесната температура може да се намали, што може да ви помогне полесно да заспиете и сонот да биде подлабок.
Значи, ако ви е премногу топло во текот на жешките ноќи, спиењето без облека не е единствената опција. Лесната облека, прозрачната памучна постелнина, разладената соба и туширањето пред спиење можат да бидат едноставни начини полесно да ја поднесете жештината.








