СДСМ бара јавно да се објави извештајот за водата во Гостивар – кој потпишал и кој гарантира дека е безбедна?

Макфакс

14/08/2026

16:50

193

Големина на фонт

а а а

СДСМ бара веднаш да се објави целосен извештај и анализи за водата во Гостивар и поставува прашања кој го потпишал извештајот и кој гарантира дека водата е безбедна за пиење, во услови на контрадикторни информации и здравствени проблеми кај граѓаните.

Владата треба веднаш јавно да го објави целосниот извештај и анализите за водата во Гостивар. Несериозно и неодговорно е, по сè што се случуваше во Гостивар, од граѓаните повторно да се бара да веруваат само на изјави, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија откако претходно денес беше соопштено дека водата е безбедна за пиење.

„Власта постојано даваше различни информации а изјавите на владините функционери во изминатите пет недели беа различни и контрадикторни. Прашање е и зошто досега ниту еднаш јавно не е објавена целосна анализа на водата за Гостивар? Нема документ. Нема извештај. Затоа СДСМ бара Владата денеска да овјави целосен извештај за водата во Гостивар. Кои се резултатите од анализите и која институција ги извршила? Кој го потпишал извештајот? Кој одобрил користење на водата и кој со својот потпис гарантира дека таа е безбедна за граѓаните?“, праша СДСМ.

Од партијата додаваат дека по 5.000 илјади граѓани со здравствени проблеми и по сите контрадикторни информации од институциите, повеќе нема простор за усни уверувања. Се нагласува дека за здравјето на граѓаните мора да постои документ, стручна анализа, институционална одговорност и потпис.