Пристигнуваат ужасни приказни од американскиот носач на авиони: „Се надевам дека утре нема да се разбудам…“

Точка

13/08/2026

21:14

1.261

Големина на фонт

а а а

Семејствата на американските војници и членовите на Конгресот предупредуваат на сè посериозна криза со менталното здравје на американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“, чии околу 5.000 морнари и маринци веќе деветти месец го поминуваат на море поради војната со Иран.

Воените медиуми „Navy Times“ и „Stars and Stripes“ известија за повеќе случаи во кои членови на екипажот се обиделе да скокнат од бродот. Екипажот поминал 250 последователни дена без да вплови во пристаниште, што е рекорд за американски носач на авиони во модерната ера, пишува „Гардијан“.


Загрижените семејства минатиот четврток, на состанок во Сан Диего, ги изнеле своите стравувања пред раководството на американската морнарица. Една од околу 200 присутни членови на семејствата рекла дека нејзиниот сопруг тој ден ѝ испратил порака во која напишал оти „се надева дека утре нема да се разбуди“. Друга, пак, му рекла на вршителот на должноста секретар на морнарицата Хунг Као дека морнарицата „ја уништи довербата меѓу нас и раководството“.

„Navy Times“ објави и детали за спречени обиди за самоубиство за време на актуелната мисија. Анабел Лома раскажала дека нејзиниот сопруг се обидел да скокне од бродот откако престојот на море неколкупати му бил продолжуван, пренесе „Гардијан“.


„Исплашен е. Мисли дека ќе биде нечесно отпуштен од служба и дека, само затоа што е целосно исцрпен, неговата 13-годишна кариера е уништена преку ноќ“, рекла таа. „Гардијан“ разговарал и со сопругата на друг морнар, кој во одделен инцидент спречил член на екипажот да скокне, така што го зграпчил и го повлекол назад на палубата.

Месеци во ужасни услови

Демократскиот конгресмен Мајк Левин предупреди на условите на носачот на авиони, кој веќе петти месец е вклучен во борбени операции против Иран. На платформата Икс тој ги опиша вака:

„Мувлосани тушеви, расипани тоалети, пералници што не работат со недели, долги периоди без топла вода, оброк сведен на половина шолја ориз и две тортиљи. Без сапун, дезодоранс и паста за заби“.


УСС Абрахам Линколн исплови од Сан Диего на 21 ноември и првично требаше да биде распореден во Пацификот, но по почетокот на американско-израелската војна со Иран беше пренасочен кон Блискиот Исток. Повеќе од 5.000 членови на екипажот оттогаш поминале само два дена на копно – на Гуам во декември и во Оман во јули. Мисијата требаше да заврши во мај, но поради продолжувањето на војната неколкупати беше продолжена.

Уште во април се појавија фотографии од неквалитетна и рационализирана храна, како и извештаи за недостиг на вода, мувлосани тушеви и расипани машини за перење алишта. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ги отфрли овие наводи како „уште едни лажни вести“.


Левин оваа недела му одговори: „Овие мажи и жени се пријавија да ѝ служат на својата земја. Најмалку што нивната земја им должи се топла вода, исправен тоалет и вистински оброк. Хегсет не може да им го обезбеди ниту тоа, а има образ да ги гледа нивните семејства во очи и да ги нарекува лажговци“.


Морнарицата тврди дека не бележи пораст на самоубиствени тенденции

Американската морнарица соопшти дека е свесна оти продолжените мисии претставуваат голем товар за војниците и нивните семејства, но тврди дека на „Линколн“ не е забележан пораст на пријавени самоубиствени мисли или обиди за самоубиство.


„Врз основа на информациите што му се достапни на командниот кадар, не утврдивме пораст на пријавени самоубиствени мисли или обиди за самоубиство на бродот“, изјави претставник на морнарицата.

Тој додаде дека на екипажот му се достапни медицински експерти, експерти за ментално здравје, советници и капелани. Морнарицата признава дека војната ги нарушила вообичаените рути за снабдување, но наведува дека екипажот во моментов има постојан пристап до чиста вода, функционална климатизација и здрави оброци.


Проблемите со менталното здравје меѓу американските морнари се познати и од порано. Студија објавена минатата година покажа дека меѓу главните извори на стрес за време на мисиите се големата бучава, недостигот од одмор, како и несоодветната здравствена и психолошка грижа. Речиси половина од анкетираните морнари изјавиле дека не добиваат соодветна помош за справување со стресот на море.