[ВИДЕО] Дали е ова најневеројатниот кадар за време на затемнувањето на Сонцето? Снимката има 120 милиони прегледи

Точка

14/08/2026

18:11

376

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот олимписки скејтер Дени Леон изведе спектакуларен скок во моментот на целосното затемнување на Сонцето. Виралната снимка за 24 часа собра 120 милиони прегледи.

Спектакуларното затемнување на Сонцето на 12 август го привлече вниманието на милиони луѓе ширум Европа, но еден шпански спортист успеа овој редок астрономски настан да го претвори во сцена која за само неколку часа го обиколи светот. Додека многумина го набљудуваа небото низ заштитни очила и телескопи, олимпискиот скејтер Дени Леон одлучи затемнувањето да го искористи како сценографија за потегот што го нарече „трикот на неговиот живот“.

Целосното затемнување беше видливо во делови од Шпанија и Исланд, додека голем дел од остатокот на Европа можеше да ја следи неговата делумна фаза. Месечевата сенка премина преку северот на Шпанија непосредно пред зајдисонце, создавајќи глетки кои во одредени европски подрачја не биле видени со децении.



Дени Леон не сакал само да го набљудува она што се случуваше на небото. Неговата идеја била многу поамбициозна – во моментот кога Месечината ќе го прекрие Сонцето да изведе скок на скејтборд и пред објективот да се појави како силуета пред затемнувањето.

Снимката е направена во местото Новалес, во шпанската провинција Уеска, а зад неколкуте секунди видео стоеле месеци планирање. Екипата однапред ја барала соодветната локација и подготвила рампа за траекторијата на Леон во воздухот прецизно да се совпадне со положбата на Сонцето и Месечината.

За грешка речиси и да немало простор.

Фазата на целосното затемнување на таа локација траела само околу половина минута, па спортистот имал исклучително краток временски период за да го изведе скокот. И покрај мракот што настапил, ветерот и притисокот сè да мора да успее од првиот обид, Леон го погодил моментот.


Сцена за историја

На снимката се гледа како Дени лета над рампата, додека зад него се наоѓа речиси целосно затемнетото Сонце. Неговата силуета на неколку моменти се нашла токму пред затемнувањето, поради што целата сцена изгледа речиси нереално.

Видеото набрзо стана вирално. Според пишувањето на шпанскиот весник „As“, за само 24 часа достигнало дури 120 милиони прегледи, додека снимката со голема брзина се прошири на социјалните мрежи ширум светот.