Никола Секулов ги помина речиси сите категории во младинската академија на Јувентус, беше еден од играчите со најмногу настапи во вториот тим кој игра во Ц лигата, но „бјанконерите“ не му обезбедија доволно простор за вистинска шанса во сениорскиот тим.
По неколку заеми, Секулов ја заврши соработката со торинскиот клуб и во моментов има договор со Сампдорија, екипата која и сезонава ќе игра во Серија Б, но за жал нема да смета на офанзивниот играч за врска подолг период.
Италијанецот кој потекнува од македонско семејство и е роден во Пјаченца, заработи повреда на вкрстените лигаменти на коленото на пријателски натпревар за време на подготовките и по оперативниот зафат го очекува подолга пауза, со мотивација и надеж дека ќе се врати во уште подобро издание на италијанските фудбалски терени.
Популарниот Нико со емотивен пост на Инстаграм призна дека доживеал тежок удар, но и дека веќе е фокусиран на камбекот на терените, а во меѓувреме откри дека имал и средба со Јаник Синер.
Светскиот рекет број еден и самиот има одредени проблеми и во моментов не е активен на актуелните турнири, но неговата поддршка доаѓа во важен момент за Секулов.
– Специјална вечер, а посебно друштвото. Почестен сум, – напиша Секулов на својот профил.







