Хрватската туристичка заедница се пофали со информацијата за тоа колку промотивниот спот со светски познатиот актер Џон Малкович придонел за промоцијата на Хрватска како туристичка дестинација.
Во соопштението за јавноста, од туристичката заедница на оваа земја наведоа дека за помалку од два месеца од објавувањето на видеото во јавност, главното шестминутно видео објавено на Јутјуб и неговата пократка тизер-верзија, објавена на Инстаграм, Фејсбук и ТикТок на Хрватската туристичка заедница, заедно забележале вкупно 17,3 милиони прегледи.
На Јутјуб, каде што е објавено главното шестминутно видео, забележани се повеќе од 81.000 споделувања, повеќе од 2100 коментари и над 6 милиони прегледи, при што најголем интерес покажале гледачите од САД, Полска, Италија, Германија, Унгарија и други земји.
Пократката верзија, односно тизер-видеото, исто така остварила силна интеракција со публиката; на Фејсбук е споделена повеќе од 2000 пати, на Инстаграм повеќе од 17.000 пати, а на ТикТок 1500 пати.
Покрај остварениот досег и интеракцијата на социјалните мрежи, особена вредност имаат и реакциите на публиката на самата содржина на видеото. Притоа треба да се напомене дека мноштво позитивни реакции, освен од домашниот пазар, пристигнале и од публиката на глобално ниво, која видеото го набљудува надвор од хрватскиот национален и емотивен контекст. На пример, интересен е одекот на Редит, каде што видеото поттикнало спонтана дискусија меѓу странските корисници, со низа позитивни коментари во кои се истакнуваат неговата оригиналност и хумор.

„За силниот интерес на публиката сведочи и големиот број авторски осврти и реакции на промотивното видео, кои корисниците самостојно ги објавувале на Јутјуб. Некои од тие содржини привлекле повеќе десетици илјади прегледи. Во нив публиката го коментира и анализира креативниот концепт, сценариото, хуморот, изведбата и начинот на кој е претставена Хрватска, што покажува дека промотивното видео предизвикало внимание, но и поттикнало интерес и разговор надвор од официјалните канали на Хрватската туристичка заедница“, соопштија тие.
За тоа колку видеото придонело за промоцијата на Хрватска говори и податокот за споделувањето на снимката од страна на светски познати медиуми.
„Меѓународната видливост на видеото дополнително ја потврдуваат повеќе од 260 медиумски објави на 15 емитивни пазари, остварени во водечки информативни медиуми, меѓу кои „Kleine Zeitung“, „oe24“, „Kurier“, „T-Online“, „RTL“, „NU.nl“, „Corriere della Sera“, „Gazeta“, „WP.pl“, „France 24“, „POP TV“, „Delo“, „Dnevnik.si“ и „Pravda“, како и во специјализирани B2B медиуми како што се „The Drum“, „Travel Weekly“, „Travel Market Report“, „Media Marketing“, „About Travel“ и „TTG“, и во лајфстајл медиуми како што се „Falstaff“, „Stern“, „Panorama“, „HelloMagyar“, „Roadster“ и „Travel Squire““, порачаа тие.
















