ПСЖ ги „краде“ ѕвездите на Барса, но и ја наполни касата на Каталонците во последната деценија

Дерби

14/08/2026

10:49

241

Големина на фонт

а а а

Односот меѓу Барселона и ПСЖ доживеа своја кулминација кога Нејмар направи фамозен трансфсер од „Камп Ноу“ на „Паркот на принцовите“ пред девет години, a севкупно гледајќи во последната деценија, актуелниот европски шампион е клубот кој најчесто пазари од Барса и кој буквално ја наполни касата на Каталонците.

Последен ќе биде трансферот на Феран Торес кој набрзо ќе биде претставен во Париз, а откако пристигна информација дека зделката ќе чини 50 милиони евра, педантните шпански аналитичари ја избројаа точната сума која ПСЖ ја има исплатено во касата на Барселона во изминатата деценија.

Започнувајќи од историскиот трансфер на Нејмар вреден 222 милиони евра, па се до Феран Торес, Барселона има инкасирано 333 милиони евра, или поточно, 333 милиони и 650 илјади евра.

Две години по фамозниот трансфер на Нејмар, од Барселона во ПСЖ се пресели членот на Ла Масија, Чави Симонс за сума од 150 илјади евра, во 2020-та година во идентичен правец замина и Бразилецот Рафиња Алкантара за 3,5 милиони евра, а една година подоцна се случи најтрауматичниот трансфер од сите.

Лионел Меси потпиша за ПСЖ како слободен агент откако не му беше продолжен договорот од Барселона, па и тој ја збогати листата на фудбалери кои направија директен премин од Каталонија во француската престолнина.

За следниот голем трансфер се чекаше две години, а тогаш Усман Дембеле ја принуди Барселона да ја слуша понудата на ПСЖ, па за сума од 50 милиони евра се врати во родната Франција и прерасна во „Златна топка“ и двократен освојувач на Лигата на шампиони.

Пред најавениот трансфер на Феран, оваа година беше реализирана уште една зделка, а тоа беше трансферот на младиот Дро Фернандез кој за сума од 8 милиони евра ги засили „светците“.

Ако се придодаде и 50 милионската сума која е најавена за Феран, се стигнува до бројката од 333 милиони и 650 илјади евра, па слободно може да се каже дека ПСЖ „украде“ голем дел од ѕвездите на Барса, но и ја наполни касата на Каталонците од 2017-та година наваму.