[ВИДЕО] Снимките од затемнувањето на Сонцето од авион го воодушевија светот: Погледот од 10.000 метри изгледа нереално

Точка

13/08/2026

19:05

124

Големина на фонт

а а а

Целосното затемнување на Сонцето на 12 август ја воодушеви Европа, а особено внимание привлекоа снимките од летот на „Iberia“ на повеќе од 10.000 метри височина.

Милиони луѓе ширум Европа во средата го насочија погледот кон небото, следејќи го еден од најочекуваните астрономски настани во годината. Целосното затемнување на Сонцето на 12 август претвори делови од Европа во самрак среде бел ден, додека оние што не се наоѓаа на патеката на тоталитетот можеа да го набљудуваат делумното покривање на Сончевиот диск.

Патеката на целосното затемнување помина над Гренланд, Исланд, северна Русија и Атлантикот, а потоа стигна до Шпанија и мал дел од Португалија. Особено спектакуларни глетки беа забележани во Шпанија, каде што Месечината, непосредно пред зајдисонце, накратко целосно го покри Сонцето.

Поглед од 10.000 метри

Додека илјадници луѓе ги бараа најдобрите места за набљудување од земја, една група имаше привилегија да го следи затемнувањето од сосема поинаква перспектива.

Компанијата „Iberia“ организираше специјален лет IB1473, кој полета од Мадрид токму со задача да ја „брка“ Месечевата сенка. „Airbus A321XLR“ се издигна над облаците и следеше специјално осмислена рута над областа Палесенсија, со цел да им овозможи на патниците што подобар поглед на целосното затемнување од повеќе од 10.000 метри височина.

Резултатот беа глетки кои набргу почнаа да кружат по социјалните мрежи.

Од височина можело да се набљудува како светлината постепено исчезнува, небото ги менува нијансите, а Сонцето се претвора во темен диск опкружен со блескава корона. Патниците на специјалниот лет уживале во целосното затемнување околу две минути и седум секунди, без облаци кои на набљудувачите на земјата, на одделни места, им создаваа проблеми.

Лет направен поради затемнувањето

Авионот не превезувал само љубители на астрономијата. На летот се наоѓале и истражувачи од проектот „Shelios“, кои ја искористија ретката можност за научни мерења и набљудување на Сонцето над поголемиот дел од атмосферските пречки. Снимката истовремено беше пренесувана од воздух благодарение на интернет-врската во авионот.

За Шпанија настанот имаше и историско значење. Тоа беше првото целосно затемнување на Сонцето видливо од Пиринејскиот Полуостров уште од 1912 година.