[ВИДЕО] Скандал за време на преносот на затемнувањето на Сонцето: НАСА ја прикажа оваа карта, веднаш следеа остри реакции

Точка

13/08/2026

20:15

516

Големина на фонт

а а а

Американската вселенска агенција НАСА се најде во центарот на вниманието откако за време на директниот пренос на затемнувањето на Сонцето прикажа карта на која Крим е претставен како дел од територијата на Русија.

НАСА го пренесуваше во живо затемнувањето, кое можеше да се набљудува од Гренланд, Исланд и од Шпанија, на своите платформи. Меѓутоа, при внимателно разгледување на графиката користена за време на преносот можеше да се забележи дека Крим визуелно е одвоен од остатокот од Украина и припоен кон руската територија, пренесува „Европска правда“.

Ваквите случаи не се новост. Меѓународни организации, компании и медиуми и претходно објавувале мапи на кои украинскиот полуостров бил прикажуван како дел од Русија.

Британскиот весник „The Times“ мораше да се извини во 2018 година, откако објави карта на која Крим бил означен како руска територија.

Сличен проблем имаше и компанијата „Apple“. Таа во 2021 година, по официјалните апели од Украина, ги исправи мапите што се појавуваа во апликацијата „Apple Music for Artists“.


Контроверзната карта се појави и во 2023 година во видеоснимка што ја објави унгарската влада.

Уште еден случај е забележан во 2025 година, кога американската телевизиска мрежа „CBS“ прикажа карта на Украина без Крим. Истовремено, останатите окупирани подрачја на југот и истокот на земјата биле прикажани како дел од украинската територија.

Најновиот случај со НАСА повторно го сврте вниманието кон начинот на кој големите меѓународни институции и медиуми графички го претставуваат Крим, полуостров чиј статус е едно од клучните прашања во конфликтот меѓу Русија и Украина.