Неколку дена пред да пристигне во кината, мистериозниот „The End of Oak Street“ конечно беше прикажан пред првите гледачи, а судејќи според реакциите на филмските работници, критичарите и новинарите, Дејвид Роберт Мичел би можел да има нов хит.
Филмот, чиј продуцент е Џеј-Џеј Абрамс, ги обединува Ен Хатавеј и Јуан Мекгрегор во улогите на Дениз и Грег Плат, родители чиј навидум обичен живот преку ноќ се претвора во борба за преживување.
По мистериозен космички настан, нивната улица буквално е откорната од предградието и преместена на сосема непознато место, а семејството набрзо открива дека таму не се сами.
Покрај Хатавеј и Мекгрегор, во филмот глумат и Мејзи Стела и Кристијан Конвери, додека сценариото и режијата ги потпишува Мичел, авторот на пофалениот хорор „It Follows“. Филмот во меѓународните кина пристигнува на 12 август, додека во кината во Северна Америка ќе почне да се прикажува на 14 август.
„Не гледајте повеќе трејлери“
Меѓу првите кои го погледнаа филмот беше режисерот Едгар Рајт, познат по филмовите „Shaun of the Dead“ и „Scott Pilgrim vs. the World“, кој не го криеше своето воодушевување.
„Навистина уживав во филмот на Дејвид Роберт Мичел. Тоа е навистина забавно филмско доживување и иако станува збор за сосема поинаков филм од ’It Follows‘, со него дели слична опсесија со ужасот што демне од предградијата“, порача Рајт.
Тој особено ја пофали необичната премиса и атмосферата, која го потсетила на „The Twilight Zone“ и раните филмови на „Amblin“, а на идните гледачи им даде и многу конкретен совет.

„Ако планирате да го гледате, престанете да ги гледате трејлерите. Има неколку одлични моменти. Одлично се забавував и се надевам дека и вие ќе уживате. Гледајте го на најголемото можно платно“, напиша тој.
Меѓу најголемите адути на филмот, барем според досегашните реакции, се покажа Хатавеј. Новинарот Брендон Дејвис нејзината изведба ја опиша како целосно посветена, особено во сцените во кои се соочува со диносауруси.
„Дали сè е целосно логично? Можеби и не, но дали станува збор за чисто, забавно и адреналинско филмско доживување? Апсолутно. Мислам дека ова е најдобриот филм со диносауруси во последните неколку децении. Дефинитивно е најзабавниот“, нагласи тој.

Татјана Хулендер од „ScreenRant“ исто така ги издвои Хатавеј и Мекгрегор, пофалувајќи ја нивната сложена партнерска динамика, додека за диносаурусите изјави дека истовремено се застрашувачки и урнебесни. Посебен фаворит пронашла и во Старбак, семејното куче, кое го прогласила за свој нов омилен филмски лик.
Публиката остана во шок
Критичарот Бил Бриа го опиша филмот како возбудлива авантура со препознатливиот дух на „Amblin“, но ја истакна и неочекуваната доза меланхолија и емоции што Мичел ги внесува меѓу големите акциони сцени.
Новинарот од областа на забавата Ло Шарма отиде чекор понатаму и филмот едноставно го опиша како „целосно луд“.

„Ова не е филмот што го очекував. Беше подобар. Семејството одлично функционира заедно, спектаклот и сцените со диносаурусите се неверојатно забавни, но и навистина страшни. Ен Хатавеј може сè“, порача тој, додавајќи дека завршницата останува во мислите долго по одјавната шпица.
Сепак, можеби најмногу интригира реакцијата на Ентони Морага, кој опиша момент за време на проекцијата кога целата киносала реагирала истовремено.
„Има еден момент во филмот кога целата сала врескаше, а потоа за само една секунда целосно замолкна и сите од шок ги покривме устите. Можеби еден од десетте најдобри моменти што некогаш сум ги доживеал во кино“, напиша тој.

Секако, не беа сите подеднакво воодушевени. Филмскиот критичар Филберт Ди имаше нешто повоздржана реакција, но призна дека бил изненаден од тоа колку филмот всушност е страшен.











