Што значи прогласена епидемија - Кои се симптомите на западнонилската треска и како да се заштитите?

Точка

12/08/2026

17:09

191

Големина на фонт

а а а

Епидемија на западнонилска треска денеска е прогласена во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и зафатени населби како Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, Јурумлери. Од вирусот досега се заболени 26 лица, а еден пациент починал.

Од Министерството за здравство порачаа дека нема место за паника и апелираа да се почитуваат мерките за лична заштита од западнонилска треска.

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, истакна дека нема место за паника, но граѓаните треба да бидат внимателни и да преземаат мерки за заштита од комарци.

„Ова не е ново заболување, присутно е и во текот на претходни години, а годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, се наметна потреба од засилен институционален одговор. Ја следиме состојбата во координација со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Комисијата за заразни болести и Клиниката за инфективни болести, со цел навремено да ги идентификуваме и третираме случаите, како и да спречиме појава на нови случаи“, соопшти Андовски.

Што значи прогласена епидемија?

Прогласувањето епидемија на западнонилска треска во одредено место, значи дека е утврдено ширење на инфекцијата во таа област и дека ризикот за населението е поголем од вообичаено. Прогласувањето епидемија е пред сè јавно-здравствена и административна мерка за организирано справување со заразна болест, а не нужно знак дека постои непосредна опасност за населението. Тоа не значи дека сите жители се заразени, ниту автоматски значи дека местото е затворено или дека има карантин.

Прогласувањето епидемија кај нас е регулирано со Законот за заштита на населението од заразни болести во кој се утврдени мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести.


Во Член 56 од Законот се вели дека при појава на епидемија на подрачје за кое е основан завод за здравствена заштита епидемијата ја прогласува надлежниот завод. Во случај кога постои опасност, епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството прогласува епидемија и наложува мерки за нивно сузбивање.

Во Член 57, пак, се наведува дека во случај на епидемија, како и во случај на поголеми елементарни и други несреќи кои можат да предизвикаат појава на епидемија на заразна болест, можат да се наредат следниве времени мерки:

„1) обврска здравствените работници и здравствените соработници да вршат здравствена дејност во вонредни услови;

2) ограничување на правото на штрајк;

3) ставање на располагање и користење на работни и други простории, опрема, лекови и превозни средства за вршење на здравствена дејност;

4) одредување на посебни задачи на здравствените установи и

5) други мерки пропишани со овој закон.

Мерките од ставот 1 на овој член траат додека постои опасност од ширење на епидемија. Владата на Република Македонија на предлог на Министерството одлучува кои од мерките од ставот 1 на овој член ќе се применат и за кој временски период“.

Вообичаено по прогласувањето епидемија, здравствените власти го засилуваат епидемиолошкиот надзор и тестирањето; преземат мерки за спречување на понатамошно ширење; спроведат дезинсекција, ако станува збор за болест што ја пренесуваат комарци; даваат препораки или наредби за заштита на населението; обезбедуваат соодветни капацитети и ресурси во здравствените установи.

Вирусот Западен Нил

Вирусот Западен Нил првпат е изолиран во Уганда, во сливот на западен Нил, во 1937 година. Од континентот Африка, вирусот се проширил на Блискиот Исток, Азија, Австралија, а потоа и во Европа, со акцент на медитеранското подрачје. Во Европа, вирусот се појавува често од 60-тите години на минатиот век, а е особено присутен во последните дваесет години. Експанзијата на овој вирус се предвидува во блиска иднина, делумно поради климатските промени, делумно поради честите патувања и изложеноста на луѓето на инсекти.

Болеста нема специфичен лек ниту вакцина – единствената заштита е превенцијата од убоди од комарци.

Болеста не се пренесува преку допир, кашлање, прегратка, користење ист прибор, сексуален однос или престој во иста просторија со заразено лице.


Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува преку заразени комарци. Додека кај некои луѓе симптомите можат да бидат многу благи, како што се блага температура и главоболка, кај други болеста може да предизвика опасни по живот симптоми, вклучувајќи воспаление на мозокот, пишува „Крени здраво“.

Првите симптоми се појавуваат 3 до 14 дена по каснувањето од комарец заразен со вирусот Западен Нил.

Симптоми на вирусот Западен Нил

Кај голем број заразени лица, симптомите се многу благи или воопшто не се појавуваат. Кај околу 20 отсто од луѓето се развива блага западнонилска треска, а симптомите може да вклучуваат:

– температура

– главоболка

– болки во телото

– замор

– осип на кожата (повремено)

– отечени лимфни јазли (повремено)

– болка во очите (повремено).


Во некои случаи (помалку од еден отсто од заразените лица), може да се појават исклучително сериозни невролошки инфекции, кои може да вклучуваат:

– воспаление на мозокот (енцефалитис)

– воспаление на мозокот и околните мембрани (менингоенцефалитис)

– инфекција и воспаление на мембраната на ’рбетниот мозок

– воспаление на ’рбетниот мозок и акутна парализа, односно ненадејна слабост во мускулите на рацете, нозете или мускулите што овозможуваат дишење.

Најголем ризик од развој на тешки форми на болеста имаат постарите и лицата со ослабен имунитет, како и хронично болните.

Како да се заштитите?

Бидејќи не постои специфичен лек, ниту вакцина за луѓето против западнонилската треска, најдобрата заштита е да се избегнат убодите од комарци.

Препораките на здравствените власти се:

✅користење репеленти на откриените делови од кожата, особено во вечерните и раните утрински часови, кога комарците од родот Culex се најактивни;

✅носење светла облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено;

✅поставање заштитни мрежи на прозорците и вратите;

✅отстранување стоечката вода од дворовите, бурињата, старите гуми и другите садови каде што се размножуваат комарците;

✅избегнување непотребен престој на отворено од зајдисонце до зори;

✅посебно внимание треба да посветат лицата постари од 60 години и оние со ослабен имунитет, бидејќи кај нив ризикот од тешка форма е најголем;

✅доколку по убод од комарец се појават висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, конфузија или слабост на екстремитетите, веднаш побарајте лекарска помош.


Како што рече епидемиологот Драган Даниловски во неодамнешна изјава, доколку методите за заштита се спроведуваат правилно, ризиците од западнонилска треска, како и други болести што ги шират комарците, можат да се минимизираат.

Бидејќи комарците се размножуваат дури и во многу мали количини вода, тој особено препорача луѓето да не чуваат стоечка вода околу своите домови.

„Постарите лица, хронично болните, лицата со ослабен имунолошки систем се изложени на најголем ризик од тешка форма на Западнонилска треска. Личната заштита е спомената многу пати, потребна е соодветна облека и мрежи за прозорци“.

„Многу е важно да се отстрани застојаната вода околу куќите, на пример за луѓе кои живеат во куќи со дворови. Веројатно имаат стари автомобилски гуми – тие секогаш се полни со вода што стои таму којзнае колку долго. Тоа е место за размножување на комарци“, нагласи Даниловски за „Телма“.