Прогласена епидемија на западнонилска треска во пет општини и неколку населби во Скопје, еден пациент почина

Макфакс

12/08/2026

14:02

234

Големина на фонт

а а а

Во пет општини и повеќе населби во Скопје е прогласена <b>епидемија</b> на западнонилска треска. Вирусот до сега заразил 26 лица, а еден пациент починал. Министерството за здравство апелира за внимателност и почитување на мерките за лична заштита.

Епидемија на западнонилска треска е прогласена во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и зафатени населби како Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, Јурумлери. Од вирусот досега се заболени 26 лица, а еден пациент починал.

Од Министерството за здравство велат дека нема место за паника и апелираат да се почитуваат мерките за лична заштита од западнонилска треска.


Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, заедно со претставниците од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за инфективни болести, на денешната прес конференција информираа за епидемиолошката состојба со западнонилска треска во земјава.

„Навремено и транспарентно ја информираме јавноста за состојбата со западнонилската треска. Ова не е ново заболување, присутна е и во текот на претходни години, а годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, наметнаа потреба од засилен институционален одговор. Ја следиме состојбата во координација со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Комисијата за заразни болести и Клиниката за инфективни болести, со цел навремено да ги идентификуваме и третираме случаите, како и да спречиме појава на нови случаи“, истакна Андовски.

Тој порача дека нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност, односно граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, носење соодветна облека, како и избегнување на места каде е најголема изложеноста на комарци.


Д-р Марија Гочевска од Институтот за јавно здравје информираше дека заклучно со 11 август, се регистрирани вкупно 26 случаи, од кои 2 се веројатни. Од нив, 25 лица се од Скопје, а еден е од Велес. Во однос на возрасната категорија, д-р Гочевска посочи дека 22 лица се на возраст над 60 години.

„Станува збор за автохтони случаи од нашата држава, а едно лице патувало во Грција. Сите случаи се со невроинвазивна форма“, појасни д-р Гочевска.

Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана информираше дека пациентите се третираат на клиниката која располага со капацитети и соодветна дијагностика.


„Четворица пациенти се водат како суспектни и во тек е дијагностичка постапка. Осум пациенти се испишани на домашно лекување, но за жал, морам да информирам дека 83-годишен пациент е починат. Пацијентот имаше и други заболувања“, истакна д-р Цана.

Д-р Златко Арсениевски од Центарот за јавно здравје Скопје информираше дека вчера беше прогласена епидемија на одредени зафатени општини во градот Скопје, како што се Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и зафатени населби како Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, Јурумлери.