„Психички промени во текот на бременоста и по породувањето – што може да очекуваме и на кој начин може да се поддржиме?“ е новата бесплатна онлајн обука што компанијата dm drogerie markt и Здружението на граѓани за промоција и поддршка на здравјето „Матрона“ ја организираат во рамки на „Караванот на мајчинство“.
Обуката е наменета за идните и новите мајки, со цел да им понуди стручни информации и насоки за подобро разбирање на психичките и емоционалните промени во овој период. Предавањето ќе го одржи м-р Марија Стојкоска Василевска, психолог, на 18 август, од 17:30 до 19:00 часот, онлајн преку платформата ZOOM. Учеството е бесплатно, а сите заинтересирани треба да се пријават на info@matrona.org.mk.
Во фокусот на обуката ќе бидат промените што можат да се појават во различните фази од бременоста и по породувањето, начините на кои жените можат да се поддржат себеси, но и значењето на поддршката од нивното опкружување. Учесниците ќе добијат стручни насоки и практични информации кои можат да им помогнат полесно да ги разберат новите чувства, искуства и предизвици што го придружуваат преминот кон мајчинството.

Навремената едукација и пристапот до релевантни и проверени информации можат да имаат значајна улога во грижата за психичката благосостојба на жените во текот на бременоста и по породувањето. Со отворањето на оваа тема, обуката придонесува и кон поголема информираност и поотворен разговор за емоционалните предизвици поврзани со мајчинството.
Обуката е дел од „Караванот на мајчинство“, иницијатива што dm и „Матрона“ ја реализираат втора година по ред и преку која обезбедуваат бесплатна едукација и поддршка за мајките, идните родители и семејствата. Годинешното издание досега опфати повеќе онлајн обуки и едукативни средби во живо на теми како дохраната на бебињата, спиењето и навиките кај децата, раниот моторен развој, пренаталната едукација и грижата за новороденчето, како и правилната исхрана и оралната хигиена кај трудниците и децата.
Преку „Караванот на мајчинство“, dm и „Матрона“ продолжуваат да ги доближуваат стручните информации до родителите и идните родители и да отвораат теми важни за здравјето и благосостојбата на мајките и децата.












