ХЕРА Млади: 25% од учениците на возраст од 15 до 16 години се коцкале за пари во последните 12 месеци

Макфакс

12/08/2026

10:20

98

Големина на фонт

а а а

Младинската група на ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ истакнуваат загрижувачки податоци за присутноста на коцкањето меѓу младите од 15 до 16 години во Северна Македонија, предупредувајќи за зголемување на проблематичното коцкање и влијанието врз менталното здравје на младите, како и потребата од регулатива и контрола за заштита на оваа група.

По повод Меѓународниот ден на младите, младинската група на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади, заедно со Иницијативата „Фрли ја коцката!“ преку герила акција во Скопје го изразува својот револт од, како што велат, сè поголемата присутност и нормализација на коцкањето и обложувањето во секојдневието на младите.

„Казина, обложувалници, онлајн платформи и реклами што ветуваат „брза добивка“ се лесно достапни во средина во која младите истовремено се соочуваат со невработеност, финансиска несигурност, нарушено ментално здравје и сè поголема желба да ја напуштат државата“, велат од таму.

Во соопштението се наведува дека податоците веќе го палат алармот со загрижувачки бројки.

„Според националното истражување ЕСПАД 2024, 25%% од учениците на возраст од 15 до 16 години во Северна Македонија се коцкале за пари во последните 12 месеци – 34% од момчињата и 16% од девојчињата. Уште позагрижувачки, меѓу учениците кои се коцкаат, уделот на проблематично коцкање се зголемил од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 година. Ова се случува во земја во која младинската невработеност кај лицата од 15 до 29 години изнесувала 23,6%, а според Студијата за млади на Фондацијата „Фридрих Еберт“, 45,3% од вработените млади не работат во професијата за која се образувале. Дури 67,7% од младите имаат одреден степен на желба за иселување, најчесто поради подобар животен стандард, повисоки плати, корупцијата и подобрите можности за вработување“, се наведува во соопштението.

Во вакви услови, додаваат, илузијата дека финансиската несигурност може да се реши со тикет, слот или онлајн облог не е безопасна забава.

Коцкањето го гледаме како финансиски проблем, ама тоа е многу повеќе. Светската здравствена организација предупредува дека штетите поврзани со коцкањето можат да вклучуваат финансиски тешкотии и долгови, нарушени семејни и социјални односи, стигма, депресија, анксиозност и зголемена суицидалност. Особено загрижува што овие ризици се преклопуваат со веќе сериозните предизвици со менталното здравје кај младите и тешко достапните услуги за психолошка поддршка. Истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, спроведено во контекст на КОВИД-19 пандемијата, покажа дека речиси 30% од испитаните адолесценти имале умерени до тешки депресивни симптоми, а 42,1% умерени до тешки симптоми на анксиозност. Коцкањето затоа треба да се третира како прашање на јавно здравје, ментално здравје, финансиска писменост и заштита на младите“, велат од ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“.

Тие бараат доследна примена на регулативата и контрола на оддалеченоста на објектите од училиштата; строга контрола на рекламирањето на игрите на среќа, особено на интернет, социјалните мрежи и во содржини насочени кон младите; ефикасна проверка на возраста и заштита на малолетниците при онлајн коцкање; финансиска писменост, превенција од зависности и ментално здравје да станат реален дел од образованието и бесплатни, доверливи и младински пријателски услуги за советување и поддршка за младите кои се соочуваат со проблематично коцкање.

„Од младите се очекува да учат, да работат, да останат во земјата и сами да изградат сигурна иднина. А што им нуди средината? Несигурни приходи, малку можности и коцкање на секој чекор како ветување за полесен живот. Не сакаме нашата држава младите со горчина да ја ословуваат како ‘Република коцкарска Македонија’. Но токму оваа порака денес го изразува нашиот револт од општество во кое понекогаш е полесно да најдеш обложувалница отколку културен центар“, велат од ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“.