Петта година по ред бесплатни ранчиња за сите првачиња во Општина Центар

Макфакс

12/08/2026

09:32

144

Големина на фонт

а а а

Општина Центар за петта година по ред им обезбедува бесплатни училишни ранчиња на сите првачиња запишани во основните училишта, како поддршка и поттик при почетокот на нивното образование.

Општина Центар и оваа година продолжува со поддршката за најмладите ученици и нивните семејства. Петта година по ред, сите првачиња запишани во осумте општински основни училишта ќе добијат бесплатни училишни ранчиња, обезбедени со средства од општинскиот буџет.

Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека оваа мерка веќе стана убава традиција со која Општината им посакува добредојде на децата кои за првпат седнуваат во училишните клупи.

„Првиот училишен ден е посебен момент за секое дете и за секое семејство. Петта година по ред сакаме да бидеме дел од таа радост и на сите наши првачиња да им подариме ранче за успешен почеток на нивното образование. Им посакувам многу петки, нови знаења, убави спомени и многу нови другарчиња. Наша обврска е уште од првиот училишен ден да им покажеме дека образованието и грижата за децата се меѓу нашите најважни приоритети“, порача Герасимовски.

Додава дека Општина Центар континуирано инвестира во подобрување на условите во основните училишта и во мерки со кои се олеснува образовниот процес за учениците и нивните семејства.

„Вложувањето во децата е вложување во иднината. Затоа продолжуваме да ги подобруваме условите во училиштата и да создаваме средина во која секое дете ќе има можност квалитетно да учи, да се развива и да го достигне својот потенцијал. Нашата цел е јасна – децата во Центар да имаат најдобри можни услови за образование“, истакна Герасимовски.

Бесплатните ранчиња ќе бидат доделени на сите првачиња запишани во осумте основни училишта на територијата на Општина Центар на почетокот на новата учебна година.