[ФОТО] Радосна вест од Кочани: За два дена родени седум бебиња во кочанската болница

Точка

10/08/2026

14:18

515

Големина на фонт

а а а

Убави и емотивни моменти деновиве се бележат на Гинеколошко-акушерското одделение при Општата болница во Кочани. За само два дена, по природен пат на свет дошле седум бебиња – четири машки и три женски.

Од кочанската болница велат дека станува збор за позитивна вест, која носи радост за седум семејства, но и надеж дека ваквиот тренд ќе продолжи и во периодот што следува, со уште повеќе породувања во Кочани.

„Ова е една позитивна вест. Во последните два дена имавме седум породувања по природен пат – четири машки и три женски бебиња. Се надеваме дека ваквиот тренд ќе продолжи и понатаму и дека ќе има што повеќе породувања“, вели директорката на Општата болница во Кочани, Катерина Паниќ Мирчовска.


Особено значајно е што сите седум породувања се извршени по природен пат. Од болницата посочуваат дека секое новороденче носи нова радост во семејствата, а кочанското породилиште продолжува да биде место каде што секојдневно се испишуваат најубавите животни приказни.

Дополнително, од оваа година Гинеколошко-акушерското одделение е засилено со тројца специјалисти по гинекологија и акушерство. Зголемувањето на медицинскиот тим претставува значајно унапредување на здравствените услуги и создава дополнителни услови за поквалитетна грижа за идните мајки и нивните новороденчиња.

Од Општата болница во Кочани се надеваат дека позитивниот тренд ќе продолжи и понатаму, со повеќе породувања и уште повеќе новороденчиња во кочанското породилиште.

Седум бебиња за само два дена се седум нови причини за радост и седум семејства кои го добија најубавиот подарок – нов живот.