Најмалку 96 загинати кај Сеута; спасувачите: Глетката беше ужасна

Макфакс

08/08/2026

09:47

344

Големина на фонт

а а а

Бројот на загинати мигранти во обидот за влез во шпанската енклава Сеута достигна 96, додека спасувачите ја опишуваат ситуацијата како ужасна. Обдукциите покажуваат механичка асфиксија како главна причина за смртта, а социјалните мрежи играле клучна улога во организирањето на обидот за премин.

Бројот на загинати мигранти по масовниот обид за влез во шпанската енклава Сеута пред една недела се искачи на 96, од кои 82 на шпанската, а 14 на мароканската страна, објави шпанската телевизија РТВЕ, повикувајќи се на официјални податоци.

Мароканското здружение за човекови права проценува дека вкупно 141 лице загинало ако се вклучи и обидот за влез во Мелиља, втората шпанска енклава во северна Африка.

Директорот на Институтот за судска медицина во Сеута, Мануел Апарсеро, потврди дека главната причина за смртта била механичка асфиксија поради давење. Обдукциите на сите пронајдени тела се завршени, но досега се идентификувани само шест жртви – сите полнолетни мажи со мароканско државјанство.

Спасувачките екипи ја опишале ситуацијата кај бранобранот покрај плажата Тарахал како „ужасна“. Во најинтензивните моменти на шпанската страна пристигнувале меѓу 60 и 100 луѓе во минута.

„Кога пристигнавме, глетката беше ужасна. Стануваше збор за масовен влез на мигранти, многумина веќе беа мртви, додека други беа во фаза на исцрпеност“, изјави Апарсеро.

На мароканската страна биле повредени 236 лица, меѓу кои 87 припадници на безбедносните сили. Околу 100 лица биле уапсени во областа на Сеута, а уште 23 во близина на Мелиља.

Истрагата укажува и на значајна улога на социјалните мрежи во организирањето на масовниот обид за преминување. Анализирани биле 23 групи на Фејсбук со повеќе од еден милион членови, во кои биле објавувани информации за рутите, термините и начините за преминување кон Сеута.