Влен: Дали Груби ја купува слободата со тајните на ДУИ?

Макфакс

08/08/2026

10:25

219

Големина на фонт

а а а

Статусот на поранешниот функционер од ДУИ, Артан Груби, кој е во куќен притвор, се доведува во прашање поради бавната правна постапка и обвиненија за корупција од страна на САД, додека Влен бара јасност од Обвинителството за случајот „Лотарија“.

Се навршуваат речиси шест месеци откако на црната кутија на ДУИ, Артан Груби, му беше определен куќен притвор во случајот „Лотарија“, а од обвинение сè уште нема ни трага ни глас, велат од Влен преку соопштение.

„На 22 август истекува максималниот рок за оваа мерка, а Обвинителството и натаму оди со полжавски чекори. Дали Артан Груби ја отворил устата, пропеал и токму затоа целиот случај се развлекува?

Во меѓувреме, прашина фаќа и прашањето за наводите поради кои Груби заврши на американската црна листа, а јавноста со право прашува дали Обвинителството воопшто постапува.

Нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, го стави Груби на црната листа поради корупција од високо ниво. Според американските власти, тој и судијата Енвер Беџети примиле поткуп за да го извлечат Сашо Мијалков од затвор.

Артан Груби не е кој било поранешен функционер. Тој е црната кутија на ДУИ. Знае кој ги влечеше конците, кој ги склопуваше зделките и во чии џебови завршуваа парите од коцкарскиот бизнис. Затоа Али Ахмети има причина да спие со едното око отворено, а со другото да го следи Груби.

За да му се тргне маката на Али Ахмети и јавноста да добие јасна слика, Влен бара од Обвинителството да престане да игра криенка со правдата и јавно да каже зошто сè уште нема обвинение во случајот „Лотарија“, каде заглавија постапките и дали воопшто презело нешто по наодите на американските власти“, се вели во соопштението.