Потврдени 23 нови случаи на вирусот на Западен Нил во Грција

Нетпрес

06/08/2026

11:03

169

Големина на фонт

а а а

Изминатата седмица во Грција биле потврдени 23 нови случаи на вирусот Западен Нил, со што вкупниот број на дијагностицирани случаи се зголеми на 65, а од почетокот на оваа вирусна сезона починаа вкупно шест лица, покажуваат податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОDI).

Од EODI соопштија дека од заразените, 54 пациенти се со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), додека кај 11 случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.

Бројот починати пациенти со инфекција со вирусот на Западен Нил се зголеми на шест лица (минатата седмица беа четири), сите на возраст од над 65 години, со просечна возраст од 79 години (опсег меѓу 66 – 91 година).

Од заразените, 20 се хоспитализирани, а 38 биле отпуштени од болница.

Повеќето од случаите (вкупно 48) се регистрираните во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите 13 во регионот Тесалија и во северна Грција, додека пак четири случаи се во фаза на епидемиолошко истражување.

Првиот случај на инфекција за оваа сезона во Грција беше регистрирани на почетокот на јули.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во Грција во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок беше и бројот на починати лица вкупно 51.

Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.