Почина актерот Тим Кари, ѕвездата на филмот „The Rocky Horror Picture Show“

Точка

26/08/2026

19:26

301

Големина на фонт

а а а

Тим Кари, легендарниот британски актер познат по улогата на д-р Френк-Н-Фертер во култниот филм „The Rocky Horror Picture Show“, почина на 80-годишна возраст.

Според информациите што ги објави „TMZ“, Кари починал во вторникот вечерта во својот дом во Лос Анџелес. Според наводите на извори блиски до случајот, полицијата пристигнала во неговиот дом околу 23:23 часот. Нема индиции дека станува збор за насилна смрт.


Кари ја започнал кариерата кон крајот на шеесеттите години, а големиот пробив го оствари токму со улогата на д-р Френк-Н-Фертер во филмот „The Rocky Horror Picture Show“. Иако филмот на почетокот не наиде на особено воодушевување кај критичарите, со текот на времето стекна култен статус и стана едно од најпрепознатливите остварувања во историјата на кинематографијата.

Бројни генерации гледачи го паметат и како застрашувачкиот кловн Пенивајс во телевизиската адаптација на романот „It“ на Стивен Кинг од 1990 година. Тој го глумеше и господинот Хектор во филмот „Home Alone 2: Lost in New York“.


Во текот на богатата кариера, тој оствари улоги и во филмовите „Annie“, „The Hunt for Red October“, „Muppet Treasure Island“, „Addams Family Reunion“ и „Scary Movie 2“.

Покрај филмската и телевизиската кариера, Кари беше активен и на театарската сцена. Во последните години, сепак, неговото професионално дејствување беше забавено поради сериозни здравствени проблеми.

Кари во 2012 година доживеа тежок мозочен удар, по што беше подложен на операција на мозокот. Последиците од ударот значително влијаеле врз неговото движење, но и врз говорот, поради што морал да помине низ долг процес на закрепнување.


Минатата година, во периодот кога ги објави своите мемоари „Vagabond“, Кари зборуваше за својата здравствена состојба и откри дека сè уште не може да оди.

Тим Кари остана запаметен по низа впечатливи и често необични ликови, но за многу љубители на филмот сепак засекогаш останува д-р Френк-Н-Фертер од „The Rocky Horror Picture Show“, улогата што ја одбележа неговата кариера.