Герасимовски: Основното училиште „11 Октомври“ со нова библиотека-медијатека од септември

Макфакс

05/08/2026

11:50

146

Големина на фонт

а а а

Во основното училиште „11 Октомври“ во Општина Центар е финализирано уредувањето на нова библиотека-медијатека која ќе биде достапна за учениците од септември. Новиот простор е опремен со современи технологии и богата литература со цел да го подобри образовниот процес за околу 600 ученици.

Општина Центар информира дека во ООУ „11 Октомври“ се финализира уредувањето на новиот простор наменет за библиотека-медијатека. Учениците од септември ќе имаат современа библиотека, место каде што ќе можат да го поминуваат своето слободно време, да позајмуваат книги, да читаат и да разменуваат идеи.

„Ова е само еден во низата проекти на кои работиме летово со цел подобрување на условите во кои нашите деца се образуваат воспитуваат. Ова модерно катче е наменето за едукација, учење и завршување на училишните обврски за нашите основци“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Освен книги, енциклопедии, прирачници и речници, во библиотеката ќе бидат достапни и дневни весници, списанија и публикации, а просторот ќе биде опремен со интерактивен панел, компјутери и интернет конекција. Проектот ќе им овозможи на 600 ученици и вработени да ги прошират своите знаења преку богатите содржини на медијатеката.

Дополнително, оваа година училиштето воведе нов систем за електронска библиотека – софтверското решение „еБиблиотека“, кое овозможува целосна дигитализација и дигитално управување со библиотечниот фонд и услугите, со електронско следење на книги, членови и позајмувања. Училиштето располага со книжен фонд од 20 204 наслови, во кој се вклучени стручна литература, лектирни изданија и останати наслови, соопшти Општината.