[ВИДЕО/ФОТО] Отиде да ја бакне Сања среде настап, со синчето Моша ја освои публиката, им оддаде почит на ДНК, Владо, Тоше: Слаткаристика со спектакуларен концерт во Охрид

Точка

04/08/2026

16:17

1.292

Големина на фонт

а а а

На 2 август, стадионот „Билјанини извори“ во Охрид беше исполнет до последното место, кога Марко Маринковиќ - Слаткаристика одржа концерт со кој одбележа две децении музичка кариера. Повеќе од 10.000 посетители пееја заедно со него, претворајќи ја вечерта во вистинска прослава на македонската музика, пријателството и љубовта.

Публиката, составена од сите генерации, во еден глас ги испеа неговите најголеми хитови, а концертот беше збогатен со бројни гости од домашната и регионалната музичка сцена. На сцената му се придружија Калиопи, Тони Зен, Таско, Два Бона, Пајак, Дупер, Некст Тајм, Тајзи, Зи Бомб, Тина Русева, диџеј Че, како и регионалните изведувачи Цоби и Криско.


Еден од најемотивните моменти беше кога Слаткаристика на сцената го повика својот шестгодишен син Моша. Пред да започнат заеднички да ја изведуваат песната „Насмевка“, која му е посветена нему, Слаткаристика рече: „Овој човек го сакам најмногу на светот“. Настапот на таткото и синот беше награден со долги аплаузи, а публиката не ги криеше емоциите.


Силни чувства предизвика и делот од концертот посветен на македонските музички имиња кои оставија неизбришлива трага. На видеобимот беа прикажани фотографии од Тоше Проески, Влатко Илиевски, членовите на ДНК и Владо Јаневски, додека Слаткаристика емотивно отпеа дел од нивните безвременски песни. Илјадниците присутни ги пееја стиховите заедно со него, создавајќи атмосфера која долго ќе се памети.


Посебен момент донесе и изведбата на „Госпоѓа Сара“, кога на сцената му се придружи Тина Русева, а пред публиката се појави и девојката која е инспирација за песната и се појавува во нејзиниот видеоспот.


Концертот не помина ниту без романтичен гест. Додека ја изведуваше „Кажи да“, песната што ја посвети на сопругата Сања Николиќ, Слаткаристика накратко ја напушти сцената и отиде зад бината за да ја бакне.


Публиката со воодушевување го проследи моментот, а од позадина можеше да се слушне коментарот: „Многу ја сака“.


По спектаклот, честитки за успешниот концерт пристигнаа од бројни колеги и пријатели. Росана Јанков напиша дека е среќна што македонските артисти со својот талент ја негуваат домашната култура, Тајзи кусо му порача „Крал Марко“, додека Каролина Гочева му упати честитки со зборовите: „Браво и честитки од нас, Марче! Те сакаме“.

Пред да ја заврши вечерта, Слаткаристика испрати порака до сите присутни: „Верувајте во вашиот сон, работете на вашиот сон и еден ден ќе ви се оствари“.


Со концерт исполнет со хитови, силни емоции, бројни музички гости и искрени семејни моменти, Слаткаристика уште еднаш покажа дека македонските артисти можат да приредат спектакл што долго ќе остане во сеќавање и да обединат илјадници луѓе преку музиката.