[ВИДЕО] Си-ен-ен: Иран пронајде слаба точка во глобалната економија - билиони долари се во опасност

Точка

04/08/2026

21:40

1.052

Големина на фонт

а а а

Стратегијата на Иран да се спротивстави на воената моќ на САД и нивните сојузници преку нанесување економска штета ја откри чувствителната точка во глобалната економија – податочни центри за вештачка интелигенција, пишува Си-ен-ен.

По години на таргетирање рафинерии, цевководи и туристички атракции во соседството, Техеран ја фокусираше својата огнена моќ на инфраструктурата што ги напојува клучните технологии на иднината. Иран и САД досега извршија напади врз најмалку пет податочни центри во регионот, вклучувајќи го и неодамнешниот повторен ирански ракетен напад врз центарот на Амазон (AWS) во Бахреин. Сателитските снимки потврдија обемна штета на таа зграда.

Иако сајбер нападите врз податочните центри се вообичаени со години, нивното физичко уништување со ракети и беспилотни летала е ново од оваа година. Иранската револуционерна гарда објави список од 29 технолошки цели во регионот, вклучувајќи локации во сопственост на гиганти како Амазон, Гугл, Мајкрософт, Нвидиа и Палантир. За Техеран, ова се легитимни воени цели бидејќи овие компании обезбедуваат услуги за американски воени разузнавачки проекти, пишува Си-ен-ен.

Повеќе од 2 билиони долари инвестиции се во опасност

Овие напади не влијаат само на САД, туку и на земјите од Персискиот Залив, кои се позиционираа како трет глобален центар за вештачка интелигенција, покрај САД и Кина.

Саудиска Арабија инвестира огромен дел од својот државен фонд во вештачка интелигенција, додека Обединетите Арапски Емирати потпишаа договор „Ѕвездена порта“ (Старгејт) од 500 милијарди долари со САД. Вкупно, земјите од Персискиот Залив ветија повеќе од 2 билиони долари инвестиции во вештачка интелигенција под услов да ги прекинат технолошките врски со Кина.

„Нападите ја поткопуваат довербата во регионот кој требаше да биде клучен за иновациите во вештачката интелигенција. Тие исто така јасно ја покажуваат улогата што ја играат овие компании во војувањето и до каде е подготвен Вашингтон да оди за да ги заштити“ истакна Хелима Крофт, раководителка на глобалната стратегија во „RBC Capital Markets“.

Експертите предупредуваат дека линијата помеѓу военото и цивилното тука е невидлива: на објектите не пишува „воени податоци“, а истите сервери истовремено водат и приватни деловни и воени операции.

„Од иранска перспектива, кога го гледаат Амазон, тоа е како да гледаат нацртано американско знаме“ сликовито опишал Ендру Реди, професор на универзитетот Беркли.