[ВИДЕО] Избувна пожар во угостителски објект во „Лептокарија“, брзата интервенција на пожарникарите спречи поголема штета

Точка

02/08/2026

15:10

623

Големина на фонт

а а а

Денеска избувна пожар во угостителски објект во трговскиот центар „Лептокарија“ во скопската општина Карпош. Според информациите, огнот најпрво избувнал на скарата, а потоа се проширил кон оџакот на објектот.

По пријавата, на местото веднаш пристигнале екипи на Територијалната противпожарна единица, кои за кратко време успеале да го локализираат и целосно да го изгаснат пожарот. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во интервенцијата учествувале тројца пожарникари со едно противпожарно возило од скопската противпожарна бригада.


Во првичната интервенција помогнале и вработените во угостителскиот објект, кои со навремената реакција придонеле пожарот да не се прошири во останатиот дел од локалот. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, била спречена поголема материјална штета.

Според досегашните информации, во пожарот нема повредени лица, а причините за неговото избувнување дополнително ќе се утврдуваат.

Советничката во Советот на Општина Карпош од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“, Татјана Стојановска, на Фејсбук објави снимки од опожарениот објект и од густиот чад што бил видлив од булеварот „Партизански одреди“.

„Зошто не смее да се дозволуваат објекти со кујна во станбени простории. Овде не е тој случај, но ова буквално за пет минути зафати сè“, напиша Стојановска, додавајќи дека пожарникарите интервенирале брзо.

Од ЦУК потврдија дека пожарот е целосно изгаснат и дека состојбата е ставена под контрола.