Мицкоски: Македонија победувала кога била обединета, денес борбата е за држава во која владеат правото и надежта

Макфакс

02/08/2026

11:40

191

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце истакна дека Македонија историски победувала кога била обединета околу голема цел. Денешната борба е за држава со силни институции, владеење на правото и надеж за идните генерации.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце порача дека Македонија низ историјата победувала тогаш кога била обединета околу голема цел, а не кога била поделена.

Во обраќањето по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, Мицкоски нагласи дека постојат вредности кои се поголеми од секоја политичка партија, функција или мандат, а тоа, како што рече, се татковината и обврската кон идните генерации.

„Никогаш не сме победувале кога сме биле поделени. Македонија победувала кога знаела да се обедини околу голема цел. Така било во Крушево. Така било на АСНОМ. Така мора да биде и денес“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека денешната борба не е борба против некого, туку борба за држава во која институциите ќе бидат посилни од поединците, законот ќе биде над привилегиите, а успехот ќе зависи од знаењето и трудот, а не од партиската припадност.

„Тоа е борба за Македонија во која секое дете ќе има причина да сонува, а секој родител причина да верува дека неговото дете има иднина токму овде“, рече премиерот.

Мицкоски порача дека патот не е лесен, но дека ниту еден Илинден не бил лесен, додавајќи дека државата не смее да дозволи омразата, песимизмот и цинизмот да ја заменат визијата и надежта.

„Немаме право да дозволиме некој да ја убие надежта кај народот. Надежта не е наивност, туку одлука да се продолжи и кога е тешко, да се верува и кога многумина се сомневаат“, истакна тој.

Премиерот порача дека денешната генерација има задача повторно да ја врати довербата во институциите, достоинството на граѓаните и вербата дека иднината може да се гради во сопствената држава.

„Еден ден идните генерации треба со почит да зборуваат за времето во кое живееме ние – како за генерацијата која повторно ја исправила Македонија“, рече Мицкоски.

Тој во обраќањето упати порака дека љубовта кон Македонија треба да биде водилка во тешки времиња.

„Не нè водеше стравот. Не нè водеше омразата. Нè водеше љубовта кон Македонија и чувството на должност кон оние што ја создадоа оваа држава и кон оние што ќе ја наследат“, порача премиерот.

Мицкоски повика на зачувување на вредностите на Илинден и АСНОМ, нагласувајќи дека тие не се само дел од минатото, туку темел врз кој треба да се гради иднината на државата.