Сиљановска-Давкова: Државата се чува со младите, се брани со мудра надворешна политика и се јакнее со национално помирување

Макфакс

02/08/2026

12:50

148

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на централното чествување на Илинден нагласи дека државата се зачувува преку вложување во младите, се брани преку мудра надворешна политика и се јакне со национално помирување. Таа истакна важноста на историската вистина, улогата на АСНОМ, како и потребата од градење единство за понатамошен развој на Македонија.

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска порача дека Илинден е ден за потсетување на борбата на повеќе генерации за создавање самостојна македонска држава, нагласувајќи дека постои долг кон историската вистина и кон асномската генерација која, како што рече, „со крв извојува слобода и македонска република“.

Во обраќањето на централното чествување на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, што под нејзино покровителство се одржа пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје, претседателката истакна дека државата се зачувува преку вложување во младите, се брани преку мудра надворешна политика, а се зајакнува преку национално помирување.

„Илинден е вистински ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава“, порача Сиљановска-Давкова.

Таа оцени дека АСНОМ не бил случаен или стихиен настан, туку, како што рече, „длабоко осмислен демократски државотворен чин“, историски инспириран од традициите на Француската револуција и од Илинденското востание.

Според претседателката, старите илинденци Панко Брашнаров, Димитар Влахов и Павел Шатев во АСНОМ ги отелотвориле заветот и аманетот на Гоце Делчев и илинденските херои, додека државотворните документи на АСНОМ биле поблиски до западните демократски и либерални традиции.

Таа посебно се осврна на улогата на Владимир Полежиновски, кој, како што рече, под влијание на идеите на Француската револуција ја вдахнал „Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија“ со принципи слични на француската декларација за човекови и граѓански права.

Ченто како симбол на самоопределувањето

Во својот говор пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, Сиљановска-Давкова истакна дека тој го афирмирал правото на самоопределување на македонскиот народ, принцип кој, според неа, станал дел од основачките документи на Обединетите нации и од уставите на земјите членки на Југословенската Федерација.

Таа потсети дека на ова право се повикала и македонската држава при прогласувањето на независноста на 8 септември 1991 година, врз основа на резултатите од референдумот.

„Токму затоа, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја, оти секој народ, па и македонскиот, има право на своја историја“, рече претседателката.

Говорејќи за Народноослободителната борба, таа нагласи дека антифашизмот е една од суштинските определби и темели на македонската држава.

„Слободата не ни беше подарена од некој друг, туку сами се ослободивме со нашата 120 илјади бројна народноослободителна војска“, истакна Сиљановска-Давкова.

За неправдата кон Ченто

Во обраќањето претседателката се осврна и на судбината на Методија Андонов – Ченто, посочувајќи дека неговиот лик и дело долго време биле недоволно познати на јавноста.

Таа потсети дека Ченто бил прогонуван, затворан и казнуван, но дека останал доследен на своите убедувања.

Според неа, неговиот потпис стои на клучните државотворни одлуки на АСНОМ – за воспоставување на македонскиот јазик како службен јазик, прогласување на Илинден за државен празник, формирање институции и создавање на темелите на македонската држава.

Сиљановска-Давкова оцени дека Ченто бил отстранет од политичката сцена поради својата принципиелност и ставови, а неговото судење го нарече „партиска пресуда, а не пресуда според Уставот и законите“.

Таа го цитираше Ченто, кој во 1956 година запишал дека „револуцијата ги јаде сопствените деца“, додавајќи дека често први жртви се најдобрите и најспособните.

Државата се чува со демократија и уставен патриотизам

Претседателката оцени дека државата денес се брани преку демократски политички систем и уставен патриотизам.

Нагласи дека мирот и соживотот во мултиетничкото општество се зачувуваат преку гарантирање и заштита на правата на сите заедници, но и преку почитување на индивидуалните човекови права.

Според неа, АСНОМ ја препознал мултиетничката реалност на Македонија, бидејќи неговиот Манифест бил упатен до сите етнички заедници.

„Денес се гордееме со високите стандарди на заштита на малцинските права на Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и другите“, рече Сиљановска-Давкова.

Младите како клуч за иднината на државата

Во вториот дел од говорот, претседателката посебно се осврна на младите, нагласувајќи дека иднината на државата зависи од создавањето услови тие да останат во земјата.

„Државата се чува со вложување во младите. Токму младите се изборија за слободата и ја создадоа државата“, рече таа.

Таа посочи дека речиси половина од асномците биле помлади од 30 години, но предупреди дека денес многу млади луѓе ја напуштаат државата во потрага по подобри услови за живот.

Како предизвици ги посочи борбата против корупцијата, организираниот криминал, партократијата и загадувањето.

„Само кога знаењето и успехот ќе бидат поважни од книшката и познанствата, младите ќе останат да живеат, да работат и да создаваат семејства тука, дома“, порача претседателката.

Проевропска ориентација и надворешна политика

Сиљановска-Давкова зборуваше и за надворешната политика, оценувајќи дека државата се брани со мудри дипломатски одлуки.

Таа истакна дека Ченто бил приврзаник на прозападна ориентација, поделба на власта, гарантирани човекови права и пазарна економија.

„Нашиот пат е проевропски ориентиран, како и Чентовиот“, рече таа.

Во однос на евроинтеграциите, претседателката посочи дека секоја кандидатка за членство во Европската унија прави компромиси, но оцени дека македонското искуство има специфичен карактер поради, како што рече, „постојана и незавршена низа од барања со кои се оспорува и нарушува сувереното право на самоопределување“.

„Не губиме само ние со блокадата на нашата евроинтеграција, туку губат сите“, додаде таа.

Повик за национално помирување

Во завршниот дел од говорот, претседателката порача дека државата може да напредува само преку надминување на поделбите и градење национално единство.

Таа потсети дека и на Ченто му било замерувано поради подготвеноста да се помири со довчерашните неистомисленици доколку тие застанат на, како што рече, „македонската линија“.

„Ако сакаме нашата држава да биде пристојно место за живеење, мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес“, порача Сиљановска-Давкова.

Претходно, претседателката положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов – Ченто.

Делегации од нејзиниот кабинет присуствуваа и на одбележувањето на Илинден во Крушево, Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, манастирот „Св. Прохор Пчински“ и во Смилево.

На крајот од обраќањето таа ги повтори зборовите на Методија Андонов – Ченто од Третото заседание на АСНОМ дека служејќи за доброто на народот, се служи и за доброто на државата.

„Неговите зборови се моја и ваша должност“, порача претседателката.