Од социјални мрежи до убиства: Како криминалната мрежа „Фокстрот“ ги користи младите како извршители

Макфакс

02/08/2026

10:20

215

Големина на фонт

а а а

Криминалната мрежа „Фокстрот“ користи тинејџери регрутирани преку интернет како извршители на нарачани убиства, развивајќи нов модел на криминал што ги манипулира младите и го шири влијанието низ Европа.

Криминалната мрежа „Фокстрот“, која шведските и европските безбедносни служби ја поврзуваат со серија убиства и напади, разви модел во кој тинејџери се регрутираат преку интернет и се користат како извршители на нарачани ликвидации, пишува Би-би-си.

Според анализи на европските истражители, мрежата од 2022 година се поврзува со околу 35 убиства, како и со повеќе напади и обиди за напади врз израелски цели во Европа.

Еден од случаите што го илустрира начинот на работа на групата е убиството на 20-годишниот Мурад Абделкадер во предградие на Стокхолм. Напаѓачот бил 18-годишниот Атила Азимов, кој, според истрагата, убил погрешeн човек по нарачка на мрежата. Подоцна бил осуден на доживотен затвор.

Како функционира мрежата?

Европол преку оперативната група GRIMM предупредува дека „Фокстрот“ развил нов модел на криминал.

Тинејџерите не се членови на класична мафија. Тие најчесто се луѓе без претходно криминално минато, кои преку интернет добиваат понуда за брза заработка.

Комуникацијата се одвива преку апликации за пораки, а задачите им се задаваат чекор по чекор – каде да одат, каде да најдат оружје и што треба да направат.

Истражителите велат дека целиот процес потсетува на видео игра, каде младите добиваат „мисија“, а организаторите ги следат како играчи на далечина.

Случајот со Норвежанецот Натланд

Еден од најдобрите примери за овој начин на работа е случајот со 18-годишниот Норвежанец Јоханес Натланд.

Тој бил контактиран преку интернет и му било понудено околу 25 илјади евра за убиство во Велика Британија.

Лицето кое го ангажирало користело прекар „Generalен“, а потоа Натланд бил поврзан со член на „Фокстрот“ со прекар „Agent 47“ – име преземено од главниот лик во видео играта „Hitman“.

„Agent 47“ му обезбедил патување до Велика Британија, а преку Signal му давал инструкции. Му биле испратени и фотографии и видеа со локации каде биле скриени оружје и пари.

Натланд бил уапсен пред да ја изврши задачата.

Врските со Иран

Посебно внимание привлече фактот што лидерот на „Фокстрот“, Рава Маџид, според шведските власти се наоѓа во Техеран.

Истражители тврдат дека дел од активностите на мрежата можеби биле користени за интересите на иранскиот режим – особено напади врз противници на Техеран, дисиденти и израелски цели во Европа.

Сепак, аналитичарите нагласуваат дека „Фокстрот“ не е само политички инструмент, туку и криминална организација која се занимава со трговија со дрога и борба за влијание.

Зошто се користат тинејџери?

Експертите велат дека младите се избираат затоа што се полесни за манипулација и често не размислуваат за последиците.

Дополнително, организаторите речиси никогаш не ги исплаќаат ветените пари. Ако извршителот биде уапсен, тој повеќе не може да бара награда.

Поради тоа, истражителите сметаат дека тинејџерите се третираат како „потрошна роба“.

Европските власти досега спроведоа стотици апсења, но предупредуваат дека моделот што го користи „Фокстрот“ веќе се шири и кај други криминални групи во Европа.