Повеќе од четвртина од населението на Европската унија не може да си дозволи седумдневен одмор надвор од дома, покажуваат новите податоци на Евростат. Најголеми проблеми со финансиската способност за одмор имаат Романија, Грција, Бугарија и Унгарија, додека Луксембург, Шведска и Холандија се на врвот по финансиски можности.
Повеќе од една четвртина од населението на Европската унија постаро од 16 години, односно 27,5 проценти, не можело да си дозволи седумдневен одмор надвор од дома во 2025 година, покажуваат податоците на Евростат.
Според европската статистичка служба, уделот на граѓани кои немале финансиски можности за годишен одмор е зголемен за 0,5 процентни поени во однос на 2024 година. Сепак, во споредба со пред една деценија, во 2015 година, тој е намален за 7,7 процентни поени.
Најголем процент од населението кое не можело да си дозволи еднонеделен одмор е регистриран во Романија – 61,4 проценти. Следуваат Грција со 46,6 проценти, како и Бугарија и Унгарија со по 39,1 процент.
Најдобра финансиска можност за одмор имаат жителите на Луксембург, каде што само 10,6 проценти не можеле да си дозволат седумдневно патување надвор од дома. Следуваат Шведска со 12,4 проценти и Холандија со 12,8 проценти.
Податоците на Евростат ја мерат можноста на домаќинствата да финансираат најмалку една недела годишен одмор надвор од местото на живеење и се еден од показателите за материјалните услови за живот на населението.






