Управниот одбор на ПИОМ го усвои полугодишниот извештај за работата на Фондот

Макфакс

31/07/2026

12:30

151

Големина на фонт

а а а

Управниот одбор на ПИОМ усвои полугодишен извештај кој ги опфаќа активностите, финансиските податоци и резултатите од работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во првата половина на 2026 година, вклучувајќи мерки за санација по невремето и зголемување на бројот на пензионери.

Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија ја одржа 36 седница на која беше усвоен Полугодишниот извештај за работата на Фондот во 2026 година.

Директорот на фондот Никола Мемов ги извести членовите на Одборот за активностите што се преземени во изминатиот период и информира дека во пензионерскиот дом Аеродром е оштетен кровот од невремето што го зафати Скопје. Тој додаде дека се преземаат мерки за негова санација.

Во контекст на Извештајот, Мемов рече дека во изминатите шест месеци има подобрување во остварувањето на работата на Фондот и особено во реализирањето на целта решавањето на предметите во законски утврдените рокови.

Директорката на Секторот за финансии во Фондот, Фатиме Неџипи го образложи Полугодишниот извештај и рече дека во него се опфатени статистички податоци за остварените права од пензиското и инвалидско осигурување, финансиското работење на Фондот, општествениот стандард на корисниците на пензија, како и за остварените резултати при спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување во периодот од 01.01.2026 до 30.06.2026 година. Таа посочи дека во шесте месеци од 2026 година со остварените средства од придонесите, дозначените средства од Буџетот на државата, приходите од акцизи и од другите неданочни приходи, како и пренесените средства 2025 година во износ од 1.828,66 милиони денари, Фондот остварил вкупни приходи во износ од 77.167,47 милион денари. Вкупните расходи во истиот период изнесуваат 71.882,43 милиони денари.

Според податоците во Полугодишниот извештај бројот на корисници на пензии во периодот јануари- јуни 2026 година е зголемен за 1876 лица, а за посмртна помош на семејствата на 8189 починати корисници на пензија Фондот има исплатено средства во висина од 317.621,360 денари.

Управниот одбор на Фондот, на седницата ја разгледа и Информацијата за усогласувањето на пензиите и достигнатото ниво на пензиските примања во 2026 година, Информацијата за доспеаното ниво на развојот на ИТ системот и достигнатото ниво на автоматизација на деловните процеси и сервиси во 2025 година, како и други Информации од негова надлежност.