13 случаи на западнонилска треска во државата, тројца се во критична состојба

Макфакс

31/07/2026

11:40

190

Големина на фонт

а а а

Заклучно со 30 јули 2026, во Македонија се регистрирани 13 случаи на западнонилска треска, од кои тројца пациенти се во критична состојба. Министерството за здравство презема нови мерки за контрола на ширењето на инфекцијата преку дополнителна дезинсекција и координација со здравствените институции.

Заклучно со 30 јули 2026 година, во државата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска, соопшти Министерството за здравство.

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 10 пациенти со потврдена инфекција, од кои тројца се во критична здравствена состојба.

Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручната проценка на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје–Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци. Вонредниот третман беше спроведен во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.

Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи остануваат во постојана координација и навремено ќе ја информираат јавноста за сите нови сознанија и преземени активности, информираат од таму.