Животните преживеале силен земјотрес, по кој следувала експлозија во зградата, најверојатно предизвикана од истекување на гас. Чекале некој да ги спаси.
Во јапонскиот град Кашима спасени се 25 мачки кои останале заробени во тешко оштетениот трговски центар „Aeon Mall“, објави агенцијата „AFP“. Животните преживеале силен земјотрес, по кој следувала експлозија во зградата, најверојатно предизвикана од истекување на гас.

Во моментот на земјотресот, мачките се наоѓале во кафулето за мачки „MOFF“, сместено на приземјето од трговскиот центар. По потресот, зградата била евакуирана, а персоналот на кафулето подоцна се обидел да се врати по животните.

Но, кратко потоа во зградата дошло до експлозија, која оштетила дел од објектот, поради што персоналот повторно морал итно да го напушти просторот.

Во средата, со дозвола од пожарникарите, полицијата и управата на трговскиот центар, раководителот на кафулето се вратил во оштетената зграда. Успеал да ги пронајде сите 25 мачки и безбедно да ги изнесе надвор.

Според информациите на компанијата „MOFF“, ниту една од спасените мачки не била повредена. Животните биле пренесени во Хирошима, каде што компанијата управува со уште едно кафуле за мачки.






