[ФОТО/ВИДЕО] Зендеја се појави во креација како од соништата: Холанд не можеше да го тргне погледот од неа

Точка

30/07/2026

14:00

378

Големина на фонт

а а а

Зендеја на лондонската премиера на новиот „Спајдермен“ уште еднаш го потврди својот статус на модна икона, појавувајќи се во гламурозен фустан, чијшто секој детаљ беше посвета на славниот суперхерој.

Зендеја и Том Холанд ја привршија промотивната турнеја за филмот „Spider-Man: Brand New Day“ (Човек-пајак: Нов ден), а нивното појавување на свечената премиера во Лондон беше еден од најочекуваните моменти на вечерта. Славниот брачен пар заедно позираше на белиот килим пред киното „Odeon Luxe“ на плоштадот Лестер Сквер, но токму 29-годишната актерка, која во филмот повторно ја толкува улогата на Ем-Џеј, ги привлече сите погледи.



За оваа посебна пригода таа избрала раскошен бел фустан од модната дизајнерка Тамара Ралф, чиешто длабоко деколте беше украсено со светкави прерамки.


Посебен впечаток на фустанот му даде сребрениот мотив на пајажина, изработен од светки и кристали – елегантна и впечатлива алузија на Спајдермен. Гламурозниот изглед го надополнила со раскошна брановидна фризура и ненаметлива шминка, оставајќи впечатливата креација да биде во центарот на вниманието.


Прва премиера како сопружници

Холанд се појавил покрај Зендеја во темновиолетов костум од модната куќа „Anderson & Sheppard“, кој го надополнил со специјално изработен брош во форма на пајак од „Pragnell“.

Парот пред фотографите разменувал вљубени погледи и нежни гестови, а ова е нивната прва голема филмска промотивна турнеја откако Холанд минатиот месец дискретно потврдил дека се венчале. Запрашан за фотографиите од нивната наводна свадба, генерирани со вештачка интелигенција, тој открил дека неговото семејство не поверувало во нив бидејќи „сите биле таму“, без да открива дополнителни детали.


Холанд во новиот филм по четврти пат се враќа во улогата на Питер Паркер, а приказната продолжува по настаните од филмот „Spider-Man: No Way Home“ (Човек-пајак: Нема пат до дома), во кој неговите најблиски забораваат дека тој постои.


Првите реакции по американската премиера се исклучително позитивни. Критичарите ја пофалија силната емотивна приказна, акциските сцени и враќањето кон поедноставен и заокружен суперхеројски филм, а некои веќе го прогласија за најдобро продолжение од ерата на Том Холанд како Спајдермен.