[ВИДЕО] Тензии во Собранието: Пратеничката Даути ја блокираше говорницата инсистирајќи премиерот Мицкоски да ѝ одговори на поставеното прашање, Гаши ја прекина седницата

Точка

30/07/2026

13:15

2.099

Големина на фонт

а а а

Пратеничката Илире Даути од Албанска лига не сакала да се тргне од говорницата додека премиерот Христијан Мицкоски не ѝ одговори на пратеничко прашање од претходната седница и со тоа ја блокира седницата за пратенички прашања.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, прогласи 30-минутна пауза во обид да ја смири тензичната атмосфера во пленарната сала, каде продолжуваат блокадите на седниците од страна на опозициските пратеници од албанскиот политички блок.

Пратеничката Илире Даути побара Гаши да ја прекине седницата за пратенички прашања сѐ додека премиерот Христијан Мицкоски не одговори на нејзиното прашање поврзано со Законот за правична застапеност. Таа оцени дека е неприфатливо премиерот селективно да одговара на пратеничките прашања, бидејќи, според неа, на тој начин се потценува улогата на пратениците и се нарушува парламентарната практика.



Гаши потврди дека Даути има право да инсистира на одговор, потсетувајќи дека премиерот на претходната седница најавил оти истиот ќе го достави во писмена форма. Сепак, тој ја продолжи седницата и му даде збор на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој постави пратеничко прашање, на кое Мицкоски одговори.

По ова, Даути излезе на собраниската говорница и порача дека нема да ја напушти сѐ додека премиерот не одговори на нејзиното прашање. Набргу потоа ѝ се придружи и пратеникот и лидер на Албанска лига, Зијадин Села, по што претседателот на Собранието прогласи 30-минутна пауза.