Посилно здравство, помал притисок врз Скопје и квалитетна услуга, за Клековски клиничката болница во Штип е долг кон граѓаните

Макфакс

30/07/2026

11:30

175

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Сашо Клековски заедно со други официјални лица и експерти од Светска банка разгледаа планови за завршување и опремување на новиот болнички комплекс во Штип, со цел да се обезбеди современ регионален здравствен центар за источна Македонија, кој ќе обезбеди квалитетни здравствени услуги и ќе го намали притисокот врз Скопје.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и доктори од Клиничката болница Штип, заедно со делегација на Светска банка, го разгледаа концептот за завршување и целосно опремување на новиот болнички комплекс.

Според најавеното, планираната инвестиција, проценета на околу 6,7 милијарди денари, односно 109 милиони евра, треба да стави крај на долгогодишното чекање и да ѝ даде на источна Македонија современ регионален здравствен центар.

Проектот предвидува завршување на главниот болнички објект, современа медицинска опрема и функционално поврзување на сите одделенија.

„Завршувањето на Клиничката болница Штип е долг кон граѓаните на источна Македонија. Сакаме овде пациентите да добиваат навремена и квалитетна здравствена услуга, а здравствените работници и студентите да имаат современи услови за работа, практична настава и професионален развој“, истакна министерот Клековски.

Клиничката болница Штип е единствениот клинички регионален центар во источниот дел на државата. Таа директно им служи на околу 150.000 граѓани, а нејзиното пошироко гравитациско подрачје опфаќа приближно 250.000 жители.

Со завршувањето на комплексот, како што најавија надлежните, пациентите ќе добијат подобра дијагностика, третман и итна медицинска помош поблиску до местото на живеење. Истовремено, додаваат, ќе се намалат упатувањата кон Скопје, а ќе се создадат подобри услови за развој и задржување на младиот медицински кадар во регионот.

Со претставниците на Светска банка беа разгледани техничките и финансиските анализи, моделот на финансирање, проектната документација и механизмите за контрола на квалитетот, трошоците и роковите.

„Министерството за здравство, во координација со Фондот, Општина Штип, Клиничката болница и другите надлежни институции, ќе обезбеди транспарентност и строг надзор во секоја фаза од проектот.
Новата Клиничка болница Штип ќе значи посилно здравство, помал притисок врз Скопје и квалитетна здравствена услуга поблиску до граѓаните на Источна Македонија“.