Руски научници развија иновативен метод за испорака на лекови против рак, кој користи наноконтејнери и е десет пати поефикасен од традиционалната хемотерапија, овозможувајќи директно и поефикасно лекување без штетни ефекти врз здравите клетки.
Руски научници развија метод за испорака на лек против рак, кој во експериментите се покажа како 10 пати поефикасен од традиционалната хемотерапија, базиран на употреба на наноконтејнери кои можат целосно да се уништат во крвотокот, објави академик на Руската академија на науките и главен истражувач во Државниот централен научен центар „Институт за биоорганска хемија“ Сергеј Дејев.
Доксорубицинот е лек против рак кој се бори против болестите со оштетување на ДНК-та на клетките на ракот, а според Дејев, конвенционалната хемотерапија со овој лек имала неколку недостатоци во однос на ослободувањето на лекот бидејќи е слабо растворлив во вода, а влијае и на здравите клетки.
„Развиен е фундаментално нов пристап кон испорака на лекови, базиран на употреба на наноконтејнери исполнети со хемотерапевтски агенс и способни за брзо и целосно уништување во крвотокот. Ефикасноста на овој пристап, демонстрирана „ин виво“ на модел на рани метастази на белите дробови кај меланом, е многу поголема од традиционалната хемотерапија“, се наведува во извештајот на Деjев.
Со овој метод, лекот го напушта крвниот сад во околниот простор помеѓу клетките – интерстициумот – а потоа продира длабоко во самото туморско ткиво. Ова му овозможува на лекот директно да стигне до клетките на ракот, заобиколувајќи ги носачите на наночестички.
Методот се базира на таканаречените метално-органски рамки, чие откривање му донесе на меѓународниот тим научници Нобелова награда за 2025 година. Руските научници го проучувале распаѓањето на овие рамки и откриле дека металите во овие соединенија лесно се заменуваат со хемикалии – фосфатни јони – од човечка крв. Ова својство на рамката им овозможува да се користат за испорака на лекови.
„Поради фосфатните јони, се случува брзо распаѓање, и во рок од околу половина час до еден час се ослободува голема количина доксорубицин, кој продира во клетките на ракот лоцирани во близина на овие крвни садови. Ефикасноста се зголемува десеткратно“, објасни тој.











