Одложувањето на менструацијата со хормонска терапија и лекови на своја рака, поради летување или некој важен настан, може да доведе до сериозни последици и компликации, предупредуваат експертите.
Гинекологот Вања Милошевиќ за Танјуг изјавил дека користењето лекови за одложување на менструалниот циклус може да предизвика нередовни циклуси по прекинот на терапијата, па дури и да биде вовед во стерилитет.
Милошевиќ истакнал дека менструалниот циклус е физиолошки процес, исто како спиењето, дишењето или мокрењето, поради што одложувањето на кој било физиолошки процес со лекови може да предизвика компликации и последици по завршувањето на терапијата.

„Многу жени не знаат за ваквиот вид компликации и лесно се одлучуваат да користат лекови, без да бидат свесни за опасностите од таа хормонска терапија. Одложувањето на менструацијата првично беше предвидено само за жени кои требало да имаат хируршка интервенција, односно исклучиво од медицински причини, а не поради патување, свадба или спортски настани, бидејќи тоа може да има сериозни последици“, објаснил тој.
На прашањето дали одложувањето на менструацијата е безбедно за здрава жена доколку се применува повремено и по совет на лекар, Милошевиќ одговорил дека можеби нема да се случи ништо ако жената еднаш се одлучи на тоа, но нагласил дека кај многу жени ова станало рутина и навика, при што лековите ги користат на своја рака, спротивно на советите од лекарите.
Како што рекол, многу жени користат секоја можност со лекови да ја одложат менструацијата, мислејќи дека тоа е помалку штетно за да можат безгрижно да заминат на море или да присуствуваат на некој настан, но таквата практика може да биде многу опасна.
Милошевиќ нагласил дека жените во никој случај не треба самостојно да земаат терапија за одложување на менструалниот циклус, ниту да се лекуваат според информации од интернет или искуства на свои пријателки, бидејќи секој организам е различен и има свои специфики.

Тој истакнал дека жените кои имаат проблеми со згрутчувањето на крвта, тромбофлебитис, жените со прекумерна телесна тежина, пушачките, како и оние кои имаат заболувања на црниот дроб или автоимуни болести во никој случај не треба да користат лекови за одложување на менструацијата.
Додал дека најчестите несакани ефекти од ваквата терапија се одложување на циклусот и нередовни менструални циклуси по нејзиното прекинување, но дека во некои посериозни случаи може да дојде и до стерилитет, како и до други сериозни компликации.
„Ако некоја жена навистина сака да ја одложи менструацијата поради одредена причина, а бидејќи станува збор за лекови на база на прогестерон, треба два до три дена пред очекуваниот циклус да се јави кај лекар и да започне со терапија која ќе ја користи 14 дена. Друга можност е да продолжи со употребата на контрацептивни таблети, бидејќи и тоа е чест начин за одложување на менструацијата“, заклучил тој.










