Антикорупциската комисија: Закони донесени по скратена постапка што ги заобиколуваат системските закони се ризик од корупција

Макфакс

29/07/2026

11:10

294

Големина на фонт

а а а

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предупредува на ризиците од корупција при донесување закони по скратена процедура кои го заобиколуваат Законот за јавни набавки и други системски закони, нагласувајќи дека ваквите решенија треба да содржат ефикасни механизми за транспарентност и отчетност.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно и детално образложено и да содржи ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства.

Реакцијата на ДКСК доаѓа по информациите и јавните реакции во врска со Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

Комисијата нагласува дека начелата на транспарентност, еднаков третман, слободна конкуренција, економичност, отчетност, интегритет и ефективна контрола не смеат да бидат доведени во прашање, без разлика на институционалната форма преку која ќе се реализира проектот.


ДКСК потсетува дека Законот за јавните набавки обезбедува јасни правила за избор на економски оператори, фер конкуренција, независен надзор, правна заштита, јавна објава на постапките и договорите, како и механизми за спречување судир на интереси.

Доколку законодавецот оцени дека е потребно посебно законско решение за реализација на проектот, Комисијата смета дека тоа треба да ги содржи механизмите утврдени во Законот за јавните набавки кои гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност.


Во соопштението се наведува и дека ДКСК во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 го препознала носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколуваат системските закони како висок ризик од корупција и предложила мерки за негово надминување.

Комисијата додава дека ваквите значајни законски решенија задолжително треба претходно да се доставуваат до ДКСК за разгледување од аспект на корупциските ризици.