[ФОТО] Даниловски објаснува зошто осумте случаи на Западнонилска треска не ја покажуваат вистинската слика: Вирусот не станал поагресивен

Макфакс

29/07/2026

09:40

398

Големина на фонт

а а а

Епидемиологот Драган Даниловски објаснува дека осумте регистрирани случаи на Западнонилска треска со тешка форма не ја одразуваат вистинската слика, бидејќи мнозинството заразени немаат симптоми или имаат блага форма на болеста, и дека вирусот не станал поагресивен.

Епидемиологот Драган Даниловски предупредува дека информацијата оти сите осум досега регистрирани случаи на Западнонилска треска во Македонија биле со тешка, невроинвазивна форма може да создаде погрешен впечаток дека вирусот кај сите заразени предизвикува тешка болест и дека станал поагресивен.

Во објава на Фејсбук, Даниловски нагласува дека тоа не е точно, бидејќи во официјалната статистика најчесто влегуваат само најтешките случаи, додека голем број заразени воопшто немаат симптоми или имаат лесна клиничка слика и никогаш не се регистрираат како заболени од Западнонилска треска.

Објаснување на Даниловски

„Без горново објаснување, објавените информации во медиумите дека ‘сите регистрирани случаи имале тешка, невроинвазивна форма на болеста’ лесно може да бидат погрешно прочитани како: ‘Западнонилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени’. И дека штом е така, логично, вирусот станал поагресивен. Што, се разбира, не е точно“, наведува Даниловски.

Тој потсетува дека околу 80 проценти од заразените со вирусот немаат никакви симптоми, кај околу 20 проценти се развива полесна форма на болеста, додека тешката невроинвазивна форма се јавува кај помалку од еден процент од инфицираните.

Даниловски посочува дека осумте регистрирани случаи претставуваат само „врв на епидемиолошката санта мраз“, бидејќи зад нив останува непознат број асимптоматски и лесни инфекции кои не се препознаени и не влегуваат во официјалната статистика.

Тој додава дека од особено епидемиолошко значење е фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони, што покажува дека вирусот ова лето локално циркулира во природниот циклус птици–комарци. Според него, во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од нивните убоди.