[ВИДЕО/ФОТО] Новите украински ракети можат да стигнат до Москва: „Напредуваме многу брзо, на удар се значајни цели во Русија“

Точка

28/07/2026

21:07

332

Големина на фонт

а а а

Украина би можела веќе оваа есен да ги изведе првите напади врз Москва со употреба на балистички ракети од домашно производство, изјави Денис Штилерман, сопственик и главен конструктор на одбранбената компанија „Фајр Поинт“ (Fire point).

Штилерман рече дека компанијата се наоѓа во завршната фаза од тестирањето на новиот ракетен систем. По завршувањето на пробните лансирања, ракетите би можеле да почнат да се користат против цели на територијата на Русија.

„Војската ќе одлучи каде ќе го изведе нападот, но сметам дека веднаш ќе бидат погодени значајни цели“, истакна Штилерман.

Штилерман додаде дека временската рамка за распоредување на ракетите зависи од резултатите од тестирањето на моторот, вклучително и финалното испитување на неговата работа на тест-постројка.

„Ќе го поставиме моторот на тест-постројката, ќе спроведеме тест на неговата работа и ќе видиме како ќе се однесува. Доколку се појават какви било проблеми, ќе ги отстраниме. Но, напредуваме многу брзо“, изјави тој.

Најновите изјави следуваат по претходното интервју на Штилерман, во кое рече дека компанијата „Фајр Поинт“ паралелно со тестирањето се подготвува и за сериско производство.

Имено, компанијата планира да произведе меѓу 10 и 20 ракети за пробни лансирања, а обемот на производството би можел да се зголеми на неколку десетици единици откако ова оружје ќе добие официјална кодификација и одобрение за набавка.


Инаку, како што наведува „Киев Пост“, „Фајр Поинт“ е еден од најголемите украински производители во одбранбената индустрија, кој произведува и ударни беспилотни летала со долг дострел ФП-1, како и крстосувачки ракети ФП-5 „Фламинго“.

Компанијата во септември 2025 година го најави развојот на проектите за балистички ракети ФП-7 и ФП-9.

Првото пробно лансирање на ракетата ФП-7 беше прикажано во февруари. Според достапните информации, оваа ракета е дизајнирана за гаѓање цели на оддалеченост до 250 – 300 километри, додека за поголемата ракета ФП-9 се очекува дострел до 850 километри.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во јуни изјави дека Украина се приближува до завршување на развојот на сопствена балистичка ракета, способна да погодува цели на руска територија.

Тој истакна дека претходните украински напади врз руски воени објекти, изведени со беспилотни летала и ракети од домашно производство, покажале дека земјата нема „едноставно тивко да исчезне“, туку ќе продолжи да возвраќа и да ги зајакнува своите одбранбени капацитети.