Атлантик Група во првите шест месеци од 2026 година оствари приходи од продажба во износ од 618,8 милиони евра, што претставува раст од 10,6 проценти во однос на истиот период минатата година, потврдувајќи ја отпорноста и флексибилноста на својот деловен модел во динамичниот пазар. Компанијата бележи и значителен раст на добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) која достигна 59,1 милиони евра, што е зголемување за 16,7 проценти, додека нето-добивка порасна за 39,2 проценти и изнесува 20,1 милион евра.
Првата половина од 2026 година ја одбележаа двоцифрен раст на приходите и профитабилноста, како и раст во сите стратешки деловни и дистрибутивни сегменти. Компанијата продолжи да инвестира во развојот на бизнисот и во своите вработени, и покрај високите цени на клучните суровини, особено на суровото кафе. Дополнителен импулс за работењето даде и реорганизацијата спроведена на почетокот на годината, со која беше зајакната оперативната ефикасност.
„Покрај силните деловни резултати, продолживме да инвестираме во развојот на нашето работење и портфолио, потврдувајќи ја отпорноста и потенцијалот на нашиот деловен модел. Новите производи, како Cedevita Vitamin Ice Tea и новиот бренд Smokice, се резултат на нашата континуирана посветеност на иновациите и следењето на потребите на потрошувачите. Во исто време, растот на клучните пазари го потврдува квалитетот на нашите брендови и потенцијалот за понатамошен меѓународен развој. Особено се издвојува растот на Argeta во Германија и Австрија, кој го потврдува потенцијалот на брендот за натамошна интернационализација и раст. Продолжуваме и со реализација на стратешки инвестиции – од модернизацијата на полнилницата во Рогашка Слатина до инвестицијата во waterdrop®, брзорастечки бренд во категоријата микронапитоци. Категоријата кафе, предводена од нашите клучни брендови Grand Kafa и Barcaffè, и понатаму останува еден од најважните столбови на нашиот бизнис и идниот раст раст. Врз основа на остварените резултати и очекувањата за продолжението на годината, ги зголемуваме почетните очекувања за 2026 година и сега очекуваме приходи од околу 1,3 милијарди евра, нормализирана EBITDA над 115 милиони евра и натамошен благ раст на EBITDA маржата“, истакна претседателот на Управата на Атлантик Група, Емил Тедески.
Двоцифрен раст на клучните пазари и во деловните сегменти
Највисок раст во првото полугодие од 2026 година забележаа Стратешката деловна област (СДО) Фармацевтското работење (+17,3 проценти) и Деликатесните намази (+13 проценти). Најголемата категорија – Кафе, со приходи од 156,3 милиони евра, порасна за 9,6 проценти, при што брендовите Grand Kafa и Barcaffè и понатаму се меѓу главните двигатели на растот.
Во сегментот дистрибуција, СДО Меѓународни пазари оствари раст од 29,9 проценти, предводен од Германија и Австрија. Продажбата во Хрватска порасна за 13,1 процент, додека Северна Македонија бележи раст од 12,1 процент. Србија останува најголем дистрибутивен пазар на Атлантик Група со приходи од 159,9 милиони евра, што е раст од 9,1 процент. Сопствените брендови и понатаму имаат најголемо учество во продажбата и сочинуваат 63,7 проценти од вкупните приходи, додека принципалските брендови учествуваат со 26,9 проценти, а фармацевтското работење со 9,4 проценти.
Развој на портфолиото, стратешки инвестиции и иновации
Покрај органскиот раст на работењето, првото полугодие беше обележано со развој на портфолиото, лансирање нови производи и стратешки инвестиции. Во сегментот на иновации, портфолиото на пијалаци беше проширено со новиот производ Cedevita Vitamin Ice Tea, додека категоријата солени грицки беше збогатена со лансирањето на новиот бренд Smokice. Истовремено, клучните брендови на Атлантик Група продолжија да ја зајакнуваат својата пазарна позиција, при што Argeta, продолжува да ја зацврстува својата позиција на меѓународните пазари, особено во Германија и Австрија. Атлантик Група продолжи и со инвестициите во производствените капацитети преку модернизација на полнилницата во Рогашка Слатина. Дополнително го прошири своето портфолио со влез во категоријата на микродринкови, преку инвестиција од 11 милиони евра во брендот waterdrop®, со што ја прошири својата дистрибутивна платформа и го зајакна своето присуство во нови категории на пијалаци.
Посветеноста на одржливото работење и извонредното корпоративно управување беше потврдена и со низа признанија, меѓу кои се издвојуваат златната награда „Regional ESG Leader“ и признанието за придонес во зачувувањето на биолошката разновидност. Атлантик Група е и првата компанија во Хрватска која доби LSEG ESG Score, со што се позиционираше на глобалната листа на компании што ги оценува London Stock Exchange Group. Силата на брендовите дополнително ја потврдува и првата златна награда Effie Award Croatia за Argeta, додека на Зоран Станковиќ, потпретседателот на Атлантик Група за финансии, набавка и ИТ, му беше доделено признанието CFO на годината.














