Патувањето носи промена на секојдневната рутина, а токму рутината е еден од најважните фактори за луѓето кои живеат со дијабетес.
Оброкот што дома секогаш е во исто време може да се помести поради лет, метеж на аеродром или разгледување на дестинацијата, додека сонот, физичката активност и внесот на течности често се менуваат.
Еве на кои фактори дијабетичарите треба да обрнат внимание за време на патувањето.
1. Промената на временската зона го збунува организмот
Како што објаснила д-р Лиса Јанг за порталот „EatingWell“, патувањето, особено низ различни временски зони, може да го наруши внатрешниот биолошки часовник на организмот, кој влијае врз лачењето на инсулин и регулирањето на нивото на шеќер во крвта.

Телото мора да се приспособи на нов ритам на спиење, оброци и физичка активност. Кај лицата кои користат инсулин или терапија што бара прецизен распоред, оваа промена може дополнително да ја отежне контролата на шеќерот.
Експертите советуваат неколку дена пред патувањето да се размисли за промена на распоредот, а лицата кои користат терапија да се консултираат со својот лекар за прилагодување на времето на земање на лековите.
2. Прескокнувањето оброци може да доведе до промени во нивото на шеќер во крвта
Доцнењето на летовите, долгите трансфери и недостигот од квалитетни опции на аеродромите често доведуваат до тоа луѓето да прескокнуваат оброци или да избираат брза храна. Долгите периоди без храна можат да предизвикаат пад на енергијата, додека оброците богати со едноставни јаглехидрати можат да предизвикаат нагло покачување, а потоа и нагло опаѓање на шеќерот во крвта.
Затоа експертите препорачуваат на пат да се понесе ужина како јаткасти плодови, сирење, зеленчук или интегрални крекери.

3. Стресот за време на патувањето го зголемува нивото на кортизол
Метежот, чекањето, доцнењето на авионите и непредвидените ситуации не се само непријатни, туку можат да имаат и физичко влијание врз организмот. Кога сме под стрес, телото лачи кортизол – хормон што може да придонесе за зголемување на нивото на гликоза во крвта.
„Патувањето често го зголемува нивото на кортизол, главниот хормон на стресот. Зголемениот кортизол може да му сигнализира на црниот дроб да ослободи повеќе гликоза во крвотокот, што може да придонесе за повисоко ниво на шеќер во крвта“, објаснила нутриционистката Меки Бел.

4. Недостигот од сон ја отежнува контролата на дијабетесот
Доцните летови, промената на временската зона и спиењето во непозната средина често го нарушуваат квалитетот на сонот. Токму поради тоа, недостигот од сон може да влијае на чувствителноста на организмот на инсулин.
5. Дехидратацијата исто така влијае на шеќерот во крвта
За време на патувањето луѓето често забораваат да пијат доволно вода, особено при долги летови. Сувиот воздух во авионот и забрзаното темпо можат да придонесат за губење течности.
„Дехидратацијата доведува до тоа шеќерот во крвта да стане поконцентриран и може да предизвика симптоми како главоболка, слабост и сува уста“, објаснила регистрираната диететичарка Хени Тунг.

Затоа експертите препорачуваат шише со вода секогаш да ви биде при рака и течности да внесувате редовно, а не дури кога ќе почувствувате жед.
Како патувањето да биде побезбедно за лицата со дијабетес?
✅Планирајте ги оброците однапред и понесете здрави ужини.
✅Редовно проверувајте го нивото на шеќер во крвта.
✅Внесувајте доволно вода во текот на целото патување.
✅Правете кратки паузи за пешачење за време на долгите патувања.
✅Обидете се да одржите што е можно постабилен ритам на спиење.
✅Понесете доволна количина од вашата терапија.










