На сопственик на ресторан со две Мишелин ѕвезди му се заканува затвор: Намерно служел мравки со десертот

Точка

22/07/2026

15:03

545

Големина на фонт

а а а

Јужнокорејските обвинители побараа казна од една година затвор за сопственикот на ресторан со две Мишелин ѕвезди, кој е обвинет дека на гостите им служел мравки како додаток на десертите, објавија локалните медиуми.

Обвинителството во понеделникот побара и ресторанот да биде казнет со 20 милиони вони (околу 12.200 евра), бидејќи мравките не се меѓу 10-те видови инсекти чија употреба во исхраната е дозволена според законите на Јужна Кореја, пренесе Би-би-си.

На листата на одобрени инсекти се наоѓаат, меѓу другото, скакулци, штурци и уште неколку видови погодни за човечка исхрана.


Сопственикот на ресторанот признал дека користел мравки, но рекол дека тие биле дел само од едно јадење во дегустациското мени од 15 јадења, како додаток на сорбе, а гостите имале можност да изберат и алтернативен прилог.

Случајот бил откриен откако инспектори од Министерството за безбедност на храната и лековите пронашле интернет-рецензии од гости со фотографии од јадења посипани со мравки.

Според проценките на истражителите, во текот на четири години за подготовка на повеќе јадења биле употребени околу 49.000 мравки, увезени од САД и Тајланд.

Здравствените власти утврдиле и дека употребените мравки содржеле до 55 пати повеќе тешки метали отколку што е вообичаено кај инсектите одобрени за човечка исхрана.


Во своја одбрана, сопственикот навел дека околу 60 отсто од гостите се одлучиле да ги пробаат мравките, додека останатите добиле алтернативни додатоци, како што се ферментиран оцет и јадливи цвеќиња.

Тој додал и дека мравките се користат како состојка во ресторани во Австралија, Данска и Велика Британија.

Во судската документација не се наведуваат името на ресторанот ниту идентитетот на неговиот сопственик.

Во Јужна Кореја моментално има 10 ресторани, сите во Сеул, кои поседуваат по две Мишелин ѕвезди.

Пресудата во овој случај се очекува на 2 септември.

Иако мравките во одредени азиски, африкански и латиноамерикански земји традиционално се користат како храна, па дури се сметаат и за деликатес, во Јужна Кореја нивната употреба во исхраната не е одобрена.